• петок, 16 февруари 2024

Белери побара од Уставниот суд дозвола да положи заклетва како градоначалник на Химара

Белери побара од Уставниот суд дозвола да положи заклетва како градоначалник на Химара

Тирана, 12 февруари 2024 (МИА) - Реизбраниот градоначалник на албанското приморско гратче, Химара, Фреди Белери, кој е во притвор од 12 мај, два дена пред локалните избори, последна надеж, да даде заклетва, гледа во Уставниот суд.

Откако му беа одбиени барањата од сите судски инстанци, тој денеска доставил барање до Уставниот суд „по забрзана постапка да го разгледа барањето и да му дозволи да даде заклетва како градоначалник".

- Се обраќам до вас, кои сте чувари на уставноста, да ја слушнете мојата молба и на жителите на Химара,  за што поскоро одредување датум за одучување по моето барање, со оглед на тоа што помина многу време речиси една година од кога централната власт го прекрши правото на избори во Химара, се наведува меѓу другото во барањето.

Деновиве претседателката на Уставниот суд за медиумите изјави дека немаат барање за испитување на уставноста во ова прашање. 

Белери, кој припаѓа на грчкото малцинство, со чии припадници е населена и Химара, во притвор е под обвинение за "изборна корупција".

Ова прашање ги налути  грчките власти кои во континуитет бараат негово ослободување, условувајќи го евроинтегративниот процес на Албанија, но ставот на албанскиот премиер, Еди Рама е дека „тоа е прашање на правосудните органи кои се независни“. 

Меѓу другото, поради заладените односи, на 28 октомври минатата година, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис не присуствуваше на свеченоста во Дервичан, кај Ѓирокастро по повод именувањето на плоштадот по името на неговиот татко Константинос Мицотакис и откривањето негова биста.

Тој бил  првиот премиер на Грција кој го посетил овој дел на југот на Албанија каде главно е концентрирано грчкото малцинство во 1990 година. вт/

Фото: Белери ФБ

Остани поврзан