• вторник, 27 јануари 2026

Белградските студенти најавија бојкот на наставата за денеска како поддршка на своите колеги од Нови Сад

Белградските студенти најавија бојкот на наставата за денеска како поддршка на своите колеги од Нови Сад

Белград, 27 јануари 2026 (МИА) - Студентите на Универзитетот во Белград најавија бојкот на наставата за денеска како знак на поддршка на колегите и професорите од Филозофскиот факултет на Универзитетот во Нови Сад посочувајќи на она што тие го нарекуваат злоупотреби и грубо кршење на автономијата на Универзитетот.

Во соопштение на социјалните мрежи се нагласуваат дека академската заедница е сведок на притисоци, што ги загрозуваат автономијата на Универзитетот, академскиот интегритет и слободата на мислење, поради што студентите сметаат дека е потребно јавно да реагираат.

„Со овој чин јасно го изразуваме нашиот протест против ваквите дејства“, се наведува во повикот за бојкот со апел до професорите да им се придружат на студентите и да ја поддржат одбраната на основните вредности на академската заедница.

Студентите нагласуваат дека чувствуваат одговорност да реагираат во ситуации во кои, како што наведуваат, се кршат законот и институциите. Наместо настава, најавен е собир претпладнево и протест пред Ректоратот во вечерните часови. зш/сд/

Остани поврзан