• среда, 25 декември 2024

Бектеши: Со ограничените трговски маржи би требало да се намалат цените на основните прехранбени производи

Бектеши: Со ограничените трговски маржи би требало да се намалат цените на основните прехранбени производи
Скопје, 22 февруари 2022 (МИА) – Очекуваме ограничувањето на трговските маржи во трговијата на големо и мало со основните прехранбени производи што ќе почне да важи од 1 март годинава да предизвика намалување на нивните цени откако ќе престане да важи одлуката за замрзнување на цените што важи од 1 декември минатата година, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши. -Во случај да нема секако ќе се засилат контролите од страна на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), а и граѓаните ќе треба да пријават ако мислат дека цените се зголемени или, пак, не се намалени. Согласно методологијата и новата одлука проверките ќе се направат со минусирање на дополнителните давачки кои ги бараат трговците на мало и со минусирање на постоечките профити кои просечно се 20 отсто, освен дополнителните кои се некаде 30 отсто, рече Бектеши во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата. Нашата намера, посочи, е да нема покачување и очекуваме да се намали крајната цена која ја плаќаат граѓаните во одредени ланци на супермаркети за основните производи. -Во случај ако не се намали тогаш секако дека ќе се засилат контролите од страна на ДПИ и овие маржи моментални кои ги имаат трговците на мало нема да важат. Затоа подготвуваме и законско решение во делот на нефер практики во трговијата кои моментално сме ги утврдиле согласно анализите. Во делот на маржите за основните прехранбени производи мислам дека нефер практики се одредени чинители на ланецот на трговија во државата да добијат маржи над 30 па до 50 отсто, посебно нефер е во време на пандемија и во време на вакви кризни состојби, прецизира Бектеши. Слични законски решенија за нечесни трговски пракси, како што кажа, се применуваат во одредени држави и тоа членки на ЕУ, а посебно се однесуваат за тие што се занимаваат со трговија на мало. -Јас сум убеден дека и во делот на купопродажните договори кои ги склучуваат трговците на мало со производителите или со увозниците имаат начин како да се направат такви договори за да нема вакви големи маржи кои моментално ги има во некои од ланците од супермаркети во нашата држава.  Секторот за трговија и сами како Министерство за економија направивме консултации со сите засегнати страни. Ги земавме во предвид сите купопродажни договори, посебно за тие производи кои се произведуваат во нашата држава, видовме која е нивната производствена цена и направивме разлика и споредба колку чинат во одредени ланци на супермаркети во нашата држава. Ангажиравме и  надворешни консултанти, но и искусни луѓе кои работеле во трговија на мало, а можеби и за овие големи ланци на супермаркети, рече Бектеши. Владата на предлог на Министерството за економија на денешната седница донесе Одлука за одредување највисоки трговски маржи на продажните цени на основните прехранбени производи во трговијата на големо и мало што ќе важат од 1 март до 31 мај годинава. Со одлуката се определува највисоката трговска маржа да изнесува до 5 отсто на продажната цена пресметана во трговијата на големо, односно до 10 отсто на продажната цена во трговија на мало кај лебот, шеќерот, солта, брашното – тип 400, суровото сончогледово масло и сончогледово масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто, свежото месо и сувомеснати производи, сирењето и урдата, оризот, јајцата, тестенините, пченицата и овошјето и зеленчукот.вј/цр

Остани поврзан