• понеделник, 23 декември 2024

Бектеши: Северна Македонија има значаен напредок во процесот на декарбонизација

Бектеши: Северна Македонија има значаен напредок во процесот на декарбонизација

Скопје, 30 јуни 2023 (МИА) - Министерот за економија Крешник Бектеши денеска во Тепелена, Република Албанија, учествуваше на неформален министерски состанок на Енергетска заедница, со кој претседаваше Белинда Балуку, вицепремиерка и министерка за инфраструктура и енергетика на Албанија, која е земја преседавач со Енергетска заедница за 2023 година.

На состанокот воведно обраќање имале и Курт Вандерберг, генералниот директор на Директоратот за климатски активности (DG CLIMA), Мехтилд Ворсдерфер заменик -генерален директор на Директоратот за енергија(DG ENER), како и Артур Лорковски, директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница.

Главен фокус помеѓу министерите за енергетика, како што соопштија денеска од Министерството за економија, биле плановите и подготвеноста на енергетските системи на земјите членки за претстојната зима, а се разговарало и за имплементацијата на патоказот за декарбонизација на Енергетската заедница. Се дискутирало и за повеќе теми од енергетиката, кои се опфатени со договорот за основање на Енергетската заедница.

Министерот Бектеши во своето обраќање навел дека политиките за енергија и клима во Северна Македонија се целосно усогласени и со европското законодавство и со Енергетската заедница. Потенцирал, стои во соопштението, дека и покрај енергетската криза, Владата паралелно активно работи на енергетска транзиција во зелена енергија, односно на искористување на сонцето, ветерот и водата за постепено менување на производството на електрична енергија од јаглен кон производство на електрична енергија од обновливи извори

- Бидејќи повеќе од 70 проценти од емисиите на стакленички гасови во Северна Македонија потекнуваат од енергетскиот сектор, декарбонизацијата е еден од главните столбови на националната Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година, Националниот план за енергија и клима (NECP), Долгорочната стратегија за климатска акција и засилените национално определени придонеси за климатските промени (NDC), сите усвоени во последните неколку години. Зависноста на земјата од увоз на природен гас, како и од повеќето горива, го прави сценариото за декарбонизација значително ранливо на превирањата на пазарите за јаглен, нафта, природен гас и електрична енергија, предизвикани од руската инвазија на Украина,  рекол министерот Бектеши.

Како обврски кои ги има превземено Северна Македонија во делот на декарбонизација, додал тој, предвидуваат во наредниот период да за затворат термоелектраните Осломеј и Битола и со тоа да се стопира производството на електрична енергија од јаглен, да се зголеми учеството на обновливите извори во енергетскиот сектор, процес кој веќе е започнат со инвестиции во фотонапонски централи, како и намалување на зависноста од увоз на електрична енергија.

- Северна Македонија постигна значителен напредок во декарбонизацијата и климатските активности во националните стратешки и акциски документи за енергија и клима. Согласно Стратегијата за развој на енергетиката, учеството на ОИЕ во бруто-финалната потрошувачка на енергија се очекува да се зголеми, достигнувајќи во опсег од 35-45 проценти во 2040 година, истакнал Бектеши и додал дека земјата е силно посветена на обезбедување на енергетска безбедност на државата, на диверзификација на изворите со снабдување со енергенси, енергетска транзиција и инвестиции во зелена енергија. цр/лв/

Фото: Министерство за економија

Остани поврзан