• сабота, 24 февруари 2024

Бектеши: Доколку има потреба ќе се продолжи мерката за замрзнување на цените

Бектеши: Доколку има потреба ќе се продолжи мерката за замрзнување на цените

Скопје, 7 декември 2023 (МИА) – Мерките ги даваат своите резултати во делот на зачувување на животниот стандард. Во случај одредена мерка да се злоупотреби не само што ќе ја продолжиме, туку и ќе ги зајакнеме инспекциските капацитети, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Нагласи дека доколку има потреба ќе се продолжи мерката за замрзнување на цените на прехранбените производи и по 1 јануари. Тоа, како што кажа, ќе зависи од анализите што ќе ги направи Министерството за економија до крајот на годинава.

-Генерално прехранбената индустрија посебно трговијата на мало со храна и пијалаци веќе ја знаат лекцијата дека од страна на Министерството за економија нема да бидат дозволени злоупотреби, рече Бектеши во одговор на прашање на денешната заедничка прес-конференција со министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

Прашан зошто беше потребен голем пакет на помош за граѓаните на само неколку месеци пред избори, Бектеши рече дека мерките се најавени од почетокот на годинава и не се мерки кои граѓаните не ги очекувале.

-Ветивме дека ни еден граѓанин нема да го почувствува товарот на енергетската и економската криза и дека како држава ќе ја покриеме разликата со цел да им излеземе во пресрет за тоа што е изгубено во минатото во делот на зголемување на инфлацијата и од влијанието на енергетската криза во делот на семејствата. Мерките се ветени на семејствата кои навистина имаа потешкотии во делот на справување со инфлацијата и со енергетската криза. Над 7.000 домаќинства во наредните денови добиваат директна субвенција како ранливи категории од страна на Министерството за економија за исплата на нивните фактури за потрошена електрична енергија, рече Бектеши и додаде дека оваа мерка се реализира од почетокот на годинава.

Истакна дека почнувајќи од септември годинава просечната плата повеќе се зголемува отколку инфлацијата.

-За инфлацијата има податоци од октомври и ноември кои се помали од 5 отсто иако и моето и ветувањето на премиерот Ковачевски беше дека инфлацијата во декември ќе биде под 5 отсто, посочи Бектеши.

Прецизира дека првично се носеа одлуки за справување со ценовните шокови, а потоа за антикризните пакети.

-Ако се вбризгаа средства во периодот кога имаше зголемување на инфлацијата можеше да влијаат негативно во делот на инфлацијата заради тоа што можеа да ја поттикнат потрошувачката, а со тоа чинителите во трговијата можеа да ги зголемат цените. Токму затоа прво донесовме одлука за замрзнување на цените, а потоа  ги промовиравме мерките кои ќе бидат реализирани согласно деветтиот пакет, рече Бектеши.

За барањето на опозицијата за намалување на ДДВ-то за електричната енергија од 18 на 5 поднесено на денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет на која се разгледува државниот буџет за наредната година рече дека не е во тек и додаде дека нема да им помогне на изборите.

-Опозицијата најверојатно се подготвува за избори. Никаков предлог нема да им помогне во делот на изборите заради тоа што граѓаните се определени за иднината на државата, а тоа е европската иднина, потенцира Бектеши.вј/хс/

Фото: МИА

Остани поврзан