• понеделник, 23 декември 2024

Без дигитална трансформација помала конкуретност на домашниот и светските пазари

Без дигитална трансформација помала конкуретност на домашниот и светските пазари

Струмица, 7 февруари 2023 (МИА) - Дигитализацијата е општ тренд, но ние сме малку поназад, но без неа помала е конкуретноста на компаниите на домашниот и светските пазари.

Ова беше истакнато на денешната инфо сесија за предизвикот „Со дигитална трансформација до иновација” на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), која денеска се одржа во Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.

Компании од туристичкиот и земјоделско-прехранбениот сектор имаа можност да аплицираат на тековниот повик , кој ФИТР го реализира во партнерство со Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост-ИМЕ.

Вкупниот буџет на овој повик е 300 илјади евра во денарска противредност. Од тие средства една третина е учество на Програма за зголемување на пазарната вработливост, додека две третини од средствата, приближно 200 илјади евра се обезбедени од Фондот. Од него се обезбедува финансирање до 70 отсто од вкупниот буџет за проектот за микро или мало претпријатие, односно до 50 отсто од вкупниот буџет за проектот за средни претпријатија, во максимален износ од 1.845.000 денари.

-Компаниите за да бидат конкуретни во домашните и светските пазари тогаш дигитализацијата е неизбежна. Тоа е процес кон кој мора забрзано да се приклучуваме. Со дигитализацијата сакаме да постигнеме позитивни ефекти, а не негативни кои можат да произлезат. Бараме да видиме дека компанијата ќе знае да ја воспостави дигитализацијата и да се справи со сите можни ситуации кои може да ги донесе дигитализацијата, рече Ирена Ѓоргиевска, раководител на Сектор за имплементација на програма во фондот.

Целта на повикот е да се овозможи зголемување на иновативноста и конкурентноста на претпријатијата преку воведување на дигитални решенија кои ќе водат кон дигитална трансформација во нивното работење.

-Инфо сесијата наиде на голем интерес и се надеваме дека така ќе биде и во процесот на аплицирање. Ова е одлична можност за микро, мали и средни компании да аплицираат во делот на подобрување на нивните внатрешни процеси за да се зголеми конкуретноста на компаниите од овие сектори, рече Тања Ѓоргиевска, заменик директор на Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост-ИМЕ.

Освен во Струмица, инфо сесии ќе се одржат и во повеќе градови во државата каде заинтересираните компании ќе се информираат за условите и критериумите за аплицирање. рт/дма/

Остани поврзан