• понеделник, 23 декември 2024

Бездомните кучиња фокус на средбата меѓу Ѓорѓиевски и претставници на Ветеринарната комора

Бездомните кучиња фокус на средбата меѓу Ѓорѓиевски и претставници на Ветеринарната комора

Скопје, 9 јуни 2024 (МИА) - Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски со претседателката на Советот на општина Кисела Вода, Светлана Колариќ, оствари средба со претставници од Ветеринарната комора. Се дискутираше за изнаоѓање системско решение за надминување на проблемот со бездомните кучиња, информираат попладнево од Општина Кисела Вода.

- Подготовка на национална стратегија за контрола на популација на кучиња со акциски план, прилагодени на локалните динамики за секоја општина, како и мониторинг и евалуација на спроведување на Националната програма за контрола на популација на кучиња, беа главните теми околу што се дебатираше и што треба да доведат до надминување на овој горлив проблем, пишува во соопштението.

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Ѓорѓиевски истакнал дека ова прашање бара сериозен пристап. Тој како претседател на ЗЕЛС, пишува во соопштението, ќе предложи решенија до новата централна власт, што „во прв ред ќе го имаат балансот помеѓу благосостојбата на животните и безбедноста и јавното здравје на луѓето“.

- Заеднички укажавме на потребата од понатамошна заедничка работа со Ветеринарната комора, а јас, како прв човек на ЗЕЛС, ја презедов обврската да предложам решенија до новата влада. Сметам дека со сериозен пристап и меѓуинституционална соработка ќе изнајдеме вистинско решение со што ќе постигнеме едновремено и безбедност на нашите жители и зачувување на благосостојбата на животните, се наведува во писмената изјава на Ѓорѓиевски. бд/сст/

Фото: Општина Кисела Вода

Остани поврзан