• четврток, 02 април 2026

Бајр: Одлуката за смртната казна ќе влијае врз статусот на Израел во ПССЕ

Бајр: Одлуката за смртната казна ќе влијае врз статусот на Израел во ПССЕ

Стразбур, 31 март 2026 (МИА) – Претседателката на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), Петра Бајр денеска изјави дека одлуката на Израел за примена на смртната казна „сериозно го загрозува“ статусот на набљудувач што земјата го има во ПССЕ.

- Длабоко сум разочарана од синоќешното гласање во Кнесетот, што сериозно го загрозува статусот на набљудувач во Парламентарното собрание, наведе Бајр, додавајќи оти последиците од таквата одлука ќе бидат тема на дискусија на седницата што ќе се одржи на 22 април во Парламентарното собрание.

Според неа, одлуката на Кнесетот претставува сериозен чекор назад што „го оддалечува Израел од вредностите на Советот на Европа, кој остро се спротивставува на смртната казна насекаде, под никакви околности“.

Бајр посочи дека се надева оти израелскиот Врховен суд ќе го поништи законот.

Кнесетот вчера со тесно мнозинство изгласа контроверзен закон, со кој смртната казна би станала стандардна казна за Палестинците осудени за смртоносни терористички напади. Законот ги задолжуваа судиите да изречат смртна казна за Палестинците осудени за убиство мотивирано од тероризам од страна на воените судови на окупираните територии.

Израел ја укина смртната казна за убиство во 1954 година и ја задржа само во исклучителни случаи. Егзекуцијата на германскиот нацист Адолф Ајхман во 1962 година беше последната извршена смртна казна во Израел.

Правните експерти се надеваат дека Врховниот суд на Израел може да го поништи контроверзниот нов закон, со кој смртната казна би станала стандардна казна за Палестинците осудени за смртоносни терористички напади. ми/сд/

фото: Фејсбук

Остани поврзан