• петок, 22 ноември 2024

Бајрамовска Мустафа: Најизразена е дискриминацијата во пристапот до работно место, потребна е мултисекторска соработка

Бајрамовска Мустафа: Најизразена е дискриминацијата во пристапот до работно место,  потребна е мултисекторска соработка

Скопје, 24 октомври 2023 (МИА) - Заменичката на народниот правобранител, Васка Бајрамовска Мустафа денеска изјави дека во областа на заштитата од дискриминација, Народниот правобранител наоѓа повреда или незадоволство на граѓаните и чувство на нееднаквост во сите сфери.

Најмногу претставки, како што посочи Бајрамовска, има во однос на пристапот до работното место, во однос на чувството на нееднаквост и вознемирување или мобинг, но се уште е присутна и појавата на сегрегација во одредени училишта.

-Важно е да се напоменат и генералните појави кои уште се присутни во општеството, како што е сегрегација во некои училишта кон учениците Роми, односно постоењето на чисто ромски училишта или чисто ромски паралелки за кои што, впрочем, минатата година Европскиот суд за човекови права донесе пресуда против државата, изјави Бајрамовска Мустафа по денешната конференција на Обединетите Нации во Скопје, посветена на теми поврзани со човековите права.

Таа додаде дека постои потреба од мултисекторска соработка со вклучување на засегнатите страни, со вклучување на претставници на маргинализираните групи. 

-Народниот правобранител уште од 2011 година алармира за постоење на проблемот со сегрегација во училиштата, уште во време кога првпат почнаа измените на Законот, да се вршат уписи на деца во прво одделение согласно одлуки за реонизација. Ние отворивме широка рамка за дискусија и преку нашите годишни извештаи, но и посебните извештаи од истражувањата, укажавме на тоа дека е потребно да се направи сеопфатна анализа што е тоа што доведува до сегрегирање на паралелки и што ги прави децата нееднакви во пристапот до правото, додаде Бајрамовска Мустафа.

Според Бајрамовска Мустафа, податокот дека се уште е отежнат пристапот на граѓаните во остварувањето на правата од социјална заштита, правата во делот на образованието, особено од аспект на учесниците, укажува на тоа дека недоволно посветено работиме на основата во надминување на проблемот.

-Сметам дека укажувањата и препораките што Народниот правобранител ги дава се секогаш конструктивно насочени и треба сериозно да се земаат во предвид, имајќи ја предвид и важноста која што по неговите препораки ја има Собранието, а тоа е да утврдува мерки за да може да се надминат ваквите состојби. Мерките можат многу да придонесат во надминување на слабостите и конечно да зборуваме за еднаквост кшто ќе значи многу повеќе од еднаквост на хартија, потенцираше Бајрамовска Мустафа.

Дискриминацијата, како што посочи, е една од најболните прашања што може да ја почувствува кој било граѓанин во општеството.

-Како институција Народен правобранител, која одбележува 25 години од своето работење, како институција која што 25 години се бори за еднаквост на граѓаните во пристапот и остварувањето на правата, на конференцијата денеска ја испративме пораката за потребата од подигање на свеста за еднаквост и за создавање на практични услови за имплементација на словото на Законот во пракса во однос на остварувањето на правата на граѓаните.

Постојниот координатор на Обединетите Нации во Северна Македонија, Росана Дуџак, денеска по конференцијата изјави дека со дискриминација се соочуваме во сите области во општеството. Исто така, како што рече, се забележува зголемено присуство на лажните вести.

- Годинашната конференција се фокусира на две важни прашања. Првото е човековите права во однос на одржливиот развој, каде посебен акцент посветивме на прашањето на дискриминацијата, а на вториот панел се зборуваше на темата за неточни информации, дезинформациите и лажните вести. Во оваа земја активни се 18 агенции на Обединетите Нации што покриваат многу полиња, како што се вработувањата, социјалните услуги, доброто управување, додаде Дуџак.

Таа информираше дека денеска е распишан и конкурс во чии рамки се доставени 200 цртежи од деца кои сликовито имаат објаснето на кој начин ги гледаат и разбираат човековите права. Откако ќе бидат објавени победниците, овие цртежи три дена ќе бидат поставени во Музејот на современа уметност во Скопје. бт/бак/

Фото/МИА

 

Остани поврзан