• недела, 22 декември 2024

Бајрами: Подигнување на нивото на знаење од областа на сајбер безбедноста

Бајрами: Подигнување на нивото на знаење од областа на сајбер безбедноста

Скопје, 20 февруари 2024 (МИА) - Министерот за информатичко општество и администрација Наим Бајрами денеска се обрати на обука наменета за државните и јавните службеници во државава, која се спроведува во рамки на проектот „Добро владеење во областа на сајбер безбедноста во Западен Балкан“.

Обуката е во организација на Министерствоти за информатичко општетсво и администрација, заедно со DCAF - Женевски центар за управување со безбедносниот сектор.

Министерот Бајрами, како што се наведува, ја истакна важноста на ваквите обуки за зајакнување на националните капацитети за справување со сајбер заканите и подобрување на сајбер безбедноста, кои се приоритет за Република Северна Македонија.

- Секоја обука се состои од неколку теми кои се креирани за одредена целна група и се насочени кон подигнување на нивото на знаење од областа на сајбер безбедноста и соодветно на тоа, подигање на нивото на сајбер безбедност во институцијата, рече министерот Бајрами.

Бајрами истакна дека меѓу стратешките цели се: изградба на сајбер отпорна ИКТ инфраструктура, идентификување и имплементирање на соодветни решенија со цел заштита на националните интереси, промовирање на култура за сајбер безбедност со цел подигнување на јавната свест и разбирање за сајбер заканите, како и градење и унапредување на потребните национални капацитети за заштита, како и намалување на потенцијалните ризици во сајбер просторот.

Како што информира МИОА, меѓу темите за обука беа: пејзаж за сајбер безбедност на Балканот: преглед на 2023 година и предвидувања за 2024 година, улогата на ИТ персоналот од јавниот сектор во управувањето со сајбер безбедноста, сајбер кризи и одговор на инциденти и нагласување на мерките за заштита. мд/бд/

Фото: МИОА

Остани поврзан