• петок, 22 ноември 2024

Бајден: Ќе биде добро доколку Трамп остане на гласачкото ливче

Бајден: Ќе биде добро доколку Трамп остане на гласачкото ливче

Вашингтон, 31 јануари 2024 (МИА) - Американскиот претседател Џо Бајден смета дека е во ред поранешниот претседател Доналд Трамп да остане на гласачкото ливче на претседателските избори во ноември годинава.

Бајден ова го изјави како одговор на новинарско прашање, непосредно пред да се качи во авион на пат кон воената база Ендрус во американската сојузна држава Мериленд, од каде замина за Флорида, објави Ен-Би-Си Њуз.

Коментарот на Бајден доаѓа во време кога Врховниот суд на САД следната недела треба да ги сослуша аргументите во случајот што може да утврди дали Трамп има право да биде на гласачкото ливче.

Бајден минатиот месец кажа дека Трамп „сигурно го поддржуваше бунтот“, мислејќи на упадот на неговите поддржувачи во Капитол, во јануари 2021 година, откако тој изнесе наводи дека претседателските избори во 2020 година биле наместени.

Следната недела Врховниот суд ќе ги сослуша усните аргументи за случајот со гласањето во американската сојузна држава Колорадо, што може да влијае на тоа дали Трамп може да се кандидира на прелиминарните избори на Републиканската партија во таа и во други сојузни држави.

Врховниот суд во Колорадо минатиот месец пресуди дека Трамп ја прекршил одредбата од 14-тиот амандман на американскиот Устав според кој американски функционер кој „се ангажирал во бунт“ не може да има јавна функција и затоа не може да се кандидира за функција.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан