• недела, 22 декември 2024

Бајден ја истакна „непоколебливата посветеност“ на САД кон одбраната на Јапонија

Бајден ја истакна „непоколебливата посветеност“ на САД кон одбраната на Јапонија
Вашингтон, 4 октомври 2022 (МИА) - Американскиот претседател Џо Бајден за време на телефонскиот разговор со јапонскиот премиер Фумио Кишида, ја истакна „непоколебливата посветеност“ на Вашингтон кон одбраната на Јапонија, откако Северна Кореја лансираше балистички проектил, соопшти денеска Белата куќа. „Двајцата лидери заеднички ја осудија ракетната проба и потврдија дека блиску ќе соработуваат со Јужна Кореја и меѓународната заедница за координација на моментален и долгорочен одговор“, се наведува во соопштението. Северна Кореја утрово истрела балистичка ракета што прелета над територијата на Јапонија, првпат за пет години. Поради тоа населението во северниот дел на Јапонија беше предупредено да се засолни и привремено се запре железничкиот сообраќај. Ракетата помина преку јапонската територија, па падна во Тихиот Океан. Тоа е првпат од 2017 година, ракета да биде истрелана во тој правец. Јапонија информираше дека тоа е веројатно најголема далечина што ја достигнала некоја севернокорејска ракета и изнесува 4.600 километри. Јапонија објави дека не презела ништо за соборување на ракетата. Според министерот за одбрана Јасуказу Хамада, Јапонија нема да возврати на нападот на Северна Кореја, но, ќе ја зголеми одбранбената готовност во случај да има нов напад. САД остро го осудија лансирањето балистичка ракета преку територијата на Јапонија. бд/сд/

Остани поврзан