• недела, 22 декември 2024

Бајден му го честита реизборот на Вучиќ: Ја охрабрувам Србија да направи исчекор за брзо нормализирање на односите со Косово

Бајден му го честита реизборот на Вучиќ: Ја охрабрувам Србија да направи исчекор за брзо нормализирање на односите со Косово
Белград, 20 мај 2022 (МИА) - Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, прими честитка од претседателот на САД, Џозеф Бајден, соопштија од кабинетот на Вучиќ, при што е пренесена содржината на честитката, јави дописникот на МИА од Белград. -Ви честитам за вашиот реизбор за претседател на Србија, со нетрпение очекувам да имам можност за време на вашиот втор мандат да ја продлабочиме нашата блиска соработка во унапредување на европската интеграција на Србија, проширување на нашите билатерални безбедносни и економски врски и промовирање на регионалната стабилност и просперитет, се наведува во честитката. Претседателот на САД нагласува дека „ова се клучни времиња за Европа“. -Забележав дека Србија, под ваше водство, се приклучи на групата од 140 демократски држави од целиот свет во Обединетите нации во осудата на војната на Путин во Украина. Важно е да останеме обединети во испраќањето силни пораки за поддршка за Украина и осудувањето на брутална војна која Русија сама ја избра, наведе Бајден. Тој се заблагодари за „соработката и топлото добредојде на новиот американски амбасадор во Србија, Кристофер Хил, кој е еден од најискусните дипломати“. -Амбасадорот Хил и тимот во нашата амбасада се подготвени да ги поддржат вашите напори за продолжување на зајакнувањето на владеењето на правото и борбата против корупцијата, диверзификацијата на изворите на енергија во Србија и исполнувањето на климатските цели, како и вашите напори за продлабочување на регионалната економска соработка на начин кој промовира интеграција со ЕУ за сите земји од Западен Балкан, порача Бајден. „Со изборите зад вас, ја охрабрувам Србија да постигне напредок во промовирањето на мирот и стабилноста во регионот и да преземе проактивни чекори, вклучително и компромис кога е тоа потребно – со цел на брзо нормализирање на односите со Косово преку дијалог под покровителство од ЕУ. САД ќе продолжат тесно да соработуваат со Вас, Приштина и нашите партнери од ЕУ за да ја постигнеме оваа важна цел“, наведе американскиот претседател во честитката. об/сд/

Остани поврзан