• понеделник, 23 декември 2024

Баша обвини дека земјата е пред колапс од Ковид-19, Манастирлиу ја повика опозицијата заедно да се справуваат

Баша обвини дека земјата е пред колапс од Ковид-19, Манастирлиу ја повика опозицијата заедно да се справуваат
Тирана, 15 октомври 2020 (МИА) - Лидерот на албанската опозција Љуљзим Баша денеска обвини дека земјата се наоѓа пред колапс од Ковид-19, што според него го потврдува секодневниот раст на новозаразени лица. - Состојбата од ден во ден станува се посериозна, а Владата продолжува со незаинтересираноста да го спроведе планот на опозицијата содржан во пет точки. Рама шест месеци лаже за состојбата со пандемијата, бројот на заразени, починати, хоспитализрани, преземени мерки. Доколку нашиот план не почне да се реализира состојбата нема да може да се контролира, рече Баша. На обвинувањата на Баша од собраниската говорница од денешната пленарна седница, му одговори министерката за здравство Огерта Манастирлиу. Таа и порача на вонпарламентарната опозиција да ги остави плановите на страна и да се вклучи во справувањето со невидливиот непријател, зашто, како што рече, овој предизвик е на сите, а не само на Владата. - Ако сакаме да ја добиеме оваа здравствена битка, што е прва битка каде сме принудени да ги следиме правилата за да победиме, не смееме да не ги спроведуваме мерките. Дури и оние кои се надвор од Парламентот продолжуваат да зборуваат за планови и точки, но верувам дека станува збор за сериозна состојба, мора да ја третираме како таква и мора да бидеме сите заедно, бидејќи тоа е вирус што им се заканува на животот на Албанците. Ние мора да бидеме заедно, да ја разгледаме ситуацијата рационално. Ова не е војна на Владата, туку на сите албански граѓани, кои мора да продолжат да ги применуваат мерките, со кои ќе ги избегнеме сите оние последици што може да ни ги донесе евентуалното повторно затворање, изјави Манастирлиу. Таа им се заблагодари на граѓаните на Албанија за, како што рече, доследното почитување на мерката за задолжително носење заштитна маска, одлука што денеска стапи во сила. Од крајот на минатиот и овој месец бројот на новодијагностицирани случаи секојдневно расте. Вчера беа регистрирани 203 новозаразени, од 1.351 тестирани. Првпат во Албанија има толку висока бројка на заразени и на тестирани. вт/ми/

Остани поврзан