Бах: Уверен сум дека Трамп ќе ги поддржи ОИ2028
- Американскиот претседател Доналд Трамп е долгогодишен поддржувач и промотор на Олимписките игри (ОИ) во Лос Анџелес во 2028 година, а Меѓународниот олимписки комитет (МОК) е уверен во неговата континуирана поддршка, изјави денеска претседателот на светското олимписко движење во заминување, Томас Бах.

Лозана, 7 март 2025 (МИА) – Американскиот претседател Доналд Трамп е долгогодишен поддржувач и промотор на Олимписките игри (ОИ) во Лос Анџелес во 2028 година, а Меѓународниот олимписки комитет (МОК) е уверен во неговата континуирана поддршка, изјави денеска претседателот на светското олимписко движење во заминување, Томас Бах.
Игрите му беа доделени на Лос Анџелес во 2017 година, кога Трамп беше претседател, а кратко потоа Бах беше примен во Белата куќа.
Но, одлуката на Трамп минатиот месец да им забрани на трансродовите спортисти да учествуваат во женски спортови во неговата земја е спротивно на правилото на МОК што им дозволува на трансродовите спортисти да учествуваат на Олимпијадата. Параолимпијадата, исто така, дозволува учество и на трансродовите спортисти.
Иако Игрите во Лос Анџелес не зависат од федералното финансирање како и повеќето други Олимписки игри, бидејќи проектот е приватно финансиран, федералната влада игра клучна улога во обезбедувањето помош за безбедност, транспорт и патување меѓу другите области на поддршка за настанот.
„Мојот совет до мојот наследник е да има доверба во поддршката на претседателот Трамп и неговата администрација за Игрите во Лос Анџелес“, рече Бах, кој официјално ќе го напушти претседателското место во МОК во јуни.
„Тој (Трамп) беше промотор и поддржувач на овие Игри во првиот мандат. Овие игри беа доделени на Лос Анџелес за време на неговиот прв мандат. Тој го сака спортот“, додаде Бах. ег
ФОТО: Икс