Баталјонот на специјални сили го одбележа Денот на единицата
- Припадниците на Баталјонот на специјални сили, со воена церемонија во касарната „Илинден“ го одбележаа 1 март-Денот на единицата, што го прославуваат во спомен на денот кога 1994 година е формирана првата специјална единица во Армијата, која е воедно и првата професионална единица.

Скопје, 1 март 2023 (МИА) - Припадниците на Баталјонот на специјални сили, со воена церемонија во касарната „Илинден“ го одбележаа 1 март-Денот на единицата, што го прославуваат во спомен на денот кога 1994 година е формирана првата специјална единица во Армијата, која е воедно и првата професионална единица.
Пред стројот на единицата, се обратил началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, кој честитајќи го Денот на единицата, истакнал дека визијата која беше трасирана при формирањето на оваа единица за создавање мала, мобилна, но респектабилна и препознаена единица во регионот, во целост е остварена.
На припадниците на баталјонот им порачал да бидат горди затоа што овој баталјон по својата посветеност и врвна обученост, во општеството е препознаен како најдоброто од Армијата.
- Пожртвуваното ангажирање во неодамнешната хуманитарна операција го покажа капацитетот и професионалноста на оваа единица, истакнал генералот Ѓурчиновски, соопштија од Генералштабот на Армијата.
Командантот на Баталјонот на специјални сили, потполковник Оливер Зариовски во своето обраќање, во име на сите припадници на единицата порачал дека оваа единица во своето 29-годишно постоење никогаш не поставувала граници на своите можности, притоа потврдувајќи го мотото на единицата „секогаш и секаде први“, кое е сининим на подготвеноста не само безрезервно да се брани татковината, туку и достојно да се претстави и да се даде поддршка и помош секаде каде е потребно.
По повод Денот на единицата, доделени се стимулативни мерки на припадници на баталјонот кои постигнале особени резултати во работата во изминатиот период, меѓу кои беа и 58-те припадници од оваа единица ангажирани во неодамнешната хуманитарна операција во Турција.
На денешната свеченост присуствувале и државниот секретар во Министерството за одбрана, Владимир Анчев, генералите во Армијата, команданти на единиците и претставници од Министерството за внатрешни работи.
Баталјонот на специјални сили во досегашното 29-годишно постоење се потврдува како најелитен армиски состав, кој предводи во обученоста и оспособеноста, отсликувајќи ја подготвеноста на Армијата. Како прв професионален состав секогаш кога е потребно ја покажуваше својата обученост и во активности каде е потребно пронаоѓање и спасување на човечки животи, како што беше случајот на скорешното ангажирање во хуманитарната операција во Република Турција, но и многупати претходно. цр/дма/
Фото: Министерство за одбрана, ГШ на Армијата