• петок, 05 декември 2025

Баскерфест 2025: Караван на улична уметност со преку 25 артисти на 13 локации во девет градови низ Македонија

Баскерфест 2025: Караван на улична уметност со преку 25 артисти на 13 локации во девет градови низ Македонија

Скопје, 21 август 2025 (МИА) - Под мотото „Побарај ја забавата“ во понеделник започнува петнаесетото издание на Баскерфест - еден од најпрепознатливите улични фестивали во Македонија.

Како што соопштија организаорите на денешната прес-конференција, фестивалот годинава е во форма на караван, односно, на 13 локации во 9 градови низ земјава од 25 август до 6 септември на уличните сцени ќе продефилираат преку 20 интернационални артисти од сите краеви на светот.

- Ме радува што по неколкугодишна пауза, се враќаме повторно на уличната сцена, посилни и повозбудливи од кога било досега. Од 25 август до 6 септември на уличните сцени ќе продефилираат преку 20 интернационални артисти, од сите краеви на светот – од Полска до Чиле, од Канада до Бразил – со единствена цел да ја раздвижат секоја локација, да создадат моменти што се доживуваат со сите сетила и се паметат трајно, изјави организаторот Пане Темов на денешната прес-конференција.

Фестивалскиот караван ќе започне во Кисела Вода, а потоа ќе продолжи во Велес, Кавадарци, Прилеп, Битола, Охрид и Тетово.

Од 1 до 4 септември, Баскерфест повторно ќе биде пред скопската публика – во општините Бутел, Аеродром, Гази Баба и Ѓорче Петров. Последните две фестивалски вечери ќе се одржат во Куманово и Гевгелија. Сите претстави ќе започнуваат во 19 часот. 

Меѓу учесниците се Plucie Ogniem од Полска со огнен спектакл, Hiram Meza од Чиле со театарско-циркуски настап, Mr. Mostacho со уницикл-шоу „Equilibrium“, Edu Boneco од Бразил со куклите Carolina и Maria Beijoqueira, Sean Rooney од Канада со балон-уметност, како и македонскиот артист Кристијан Бенито. Уличната магија ќе ја збогатат и The Beat Killers Academy од Албанија, статуите од Србија и DJ MartiAn со музички перформанси.

-Навистина ми е драго што сум дел од овој Баскерфест, што се одржува во Македонија. За првпат сум овде, многу ми се допаѓа она што го видов до сега, се надевам дека се за време на моите настапи ќе запознаам што повеќе нови луѓе и ќе ја видам одблизу вашата култура. Јас ќе дадам сѐ од себе да ве претставам на моите следбеници од целиот свет што поизворно, за и тие да ја запознаат Македонија и македонскиот народ. Се надевам дека сите заедно ќе си поминеме одлични 13 дена, изјави Edu Boneco на прес-конференцијата.

Од Општина Кисела Вода се обрати Сашо Јованоски, советник од кабинетот на градоначалникот, кој упати честитки и посака успешен караван.

-Баскерфест е доказ дека културата не мора да биде во сали и галерии – таа живее на улица, меѓу луѓето, како универзален јазик на разбирање и поврзување. Фестивалот е симбол на слободен дух, културна размена и урбана енергија. Нас како Општина, нè радува фактот што токму од овде ќе започне овој голем караван и сите граѓани на Кисела Вода ќе имаат можност први да го погледнат ова шоу. Честитки до организаторите, посакувам успешен караван и нека има почесто вакви манифестации во Македонија, порача Јованоски.

Баскерфест е еден од најзначајните улични фестивали во Македонија, кој веќе 15 години ја претвора секојдневната урбана средина во сцена за уметност, радост и спонтаност. Се одржува на отворено, без сцена и без билети, директно меѓу луѓето – на улиците, плоштадите и јавните простори.ар/са/

Фото: МИА

Остани поврзан