• недела, 22 декември 2024

Балканска олимпијада по информатика од 20 до 26 септември во Охрид

Балканска олимпијада по информатика од 20 до 26 септември во Охрид

Скопје, 19 септември 2024 (МИА) – Државава ќе биде домаќин на 31. Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2024) која од 20 до 26 септември ќе се одржува во Охрид со учество на ученици од државите од Балканот, но и пошироко од Европа.

 Северна Македонија ќе ја претставуваат осуммина ученици од неколку македонски градови. Најмладиот натпреварувач е деветто одделение, шестмина се средношколци, а единствената девојка меѓу нашите натпреварувачи е штотуку завршена средношколка и од идниот месец ќе биде студент на ФИНКИ.

На БОИ се натпреваруваат по четири ученици од секоја земја што учествува, избрани преку циклус национални натпревари, а нашата како домаќин на ова регионално ниво има право да учествува и со втор тим односно ќе има осум претставници.  

Миле Јованов, претседател на Здружението на информатичари на Македонија, денеска соопшти дека БОИ 2024 ќе трае пет дена од кои два се натпреварувачки.

-Два дена по пет часа тие ќе решаваат задачи. Добиваат по три проблеми кои не на просечен човек, туку на просечен програмер би му требале денови да го реши, а некој и нема да успее да го реши. Тие се должи трите проблеми да ги решат за пет часа. Натпреварувањето не е екипно туку индивидуално, секој се натпреварува сам за себе во тие пет часа, рече Јованов.

Меѓу двата натпреварувачки дена, учесниците ќе имаат и денови за дружење и разгледување  знаменитости, а по сумирање на резултатите од натпреварите ќе бидат избрани најуспешните што ќе добијат медали.

Здружението на информатичарите на Македонија како домаќин на БОИ го организира настанот благодарение на поддршката од спонзори. „Златен спонзор“ е компанијата „Сорсикс“ (Sorsix) од која младите македонски натпреварувачи денеска добија ваучери од по 25 илјади денари како признание на нивните досегашни успеси и поттик да освојат медал на претстојната Олимпијада.

Далибор Фртуник, извршен директор на „Сорсикс“, истакна дека се одлучиле на овој потег затоа што се одушевени од потенцијалот на младите во Македонија.

-Особено сакам да изразам  благодарност и поддршка на проф. Јованов кој со своето лидерство води ваков настан и креира можност за младите да имаат не само добро и интересно искуство битно за академски и професионален развој, туку и меѓународен, рече претставникот на компанијата. Оттаму соопштија и дека по завршувањето на Олимпијадата се отоврени да им понудат пракса на младите македонски учесници и да им овозможат да се запознаат со нивните високотехнолошки решенија за дигитално здравство кои се присутни на четири континнти. 

Јованов истакна дека  БОИ секоја година расте и опфаќа поширок регион од Балканот, а покрај земјите членки на ова натпреварување во Охрид како земји гости ќе има претставници од Украина и од Саудиска Арабија.

-Сега веќе имаме од Италија на една страна до Турција на друга страна, и од Кипар долу, па се некаде до Украина кои ќе бидат гости на оваа Олимпијада. Бидејќи е квалитетен овој натпревар, во последните неколку години побара и Словенија да се приклучи, ја примивме како редовна членка, побара и Италија и ги примивме, а во последните две години бара и Украина да ни се придружи како редовна членка. Се уште ги немаме примено, но во Охрид тие и Саудиска Арабија ќе учествуваат како земји гости, соопшти Јованов.

Според него, БОИ им помага на младите информатичари да се заинтересираат во самата наука и многу длабоко да навлезат во неа подготвувајќи се за Олимпијадата, а потоа тоа, рече, е солидна основа да бидат квалитетни професионалци во оваа, како  што рече, доста барана и популарна област.

Ова е третпат нашата држава да биде домаќин на Балканската олимпијада по информатика во нејзиното 31-годишно постоење, по организациите во 2000 и 2008 година. хс/са/

Фото: МИА

Остани поврзан