• петок, 22 ноември 2024

Бабовски: Со ИПАРД-средствата се развива домашната економија и се отвораат нови работни места

Бабовски: Со ИПАРД-средствата се развива домашната економија и се отвораат нови работни места
Скопје, 24 јуни 2020 (МИА) - Компанијата „Којаконеја“ е пример дека со користење на мерките и средствата од ИПАРД-програмата сериозно се влијае на развојот не само на домашната економија и на модернизација на претпријатието, туку и на развојот на руралните средини и на отворање нови работни места. Ова го истакна директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделство и руралниот развој, Николче Бабовски, кој денеска ја посети оваа компанија што е корисник на средства од ИПАРД-програмата. Агенцијата, како што истакна Бабовски, води сметка корисниците на мерките и програмите кои се реализираат да добијат целосна поддршка, со цел реализација на квалитетни проекти кои ќе произведат производи со додадена вредност, а со тоа според него, директно ќе влијаат и на домашниот бруто-производ, во моментов кога светот ги трпи последиците од корона-кризата и кога ни е најмногу добредојден. Тој ги информира сите корисници од програмите и мерките од ИПАРД-програмата дека со престанокот на вонредната состојба, односно веќе од вчера продолжиле да течат сите рокови на преходните отворени повици по програмата ИПАРД 2, а за кои Владата во април преку уредба ги ставила во мирување заради пандемијата со коронавирусот. - Ова значи дека од овој момент продолжува да тече и процесот за поднесување на апликации за мерка 1, инвестиции во материјални средства на земјоделските стопанства од програмата ИПАРД 2, и новиот продолжен краен рок за доставување на апликациите за мерка 1 е до 3 август 2020. Апликантите кои претходно имаат склучен договор и чиј договор за реализација на инвестиција истекува во време додека траеше вонредната состојба спгласно уредбата со законска сила за примена на законот за основање на Агенцијата имаат рок од дополнителни 60 дена по завршувањето на вонредната состојба да ги реализираат инвестициите, рече Бабовски. Тој додаде дека сите оние на кои роковите за реализација уште им течат, рокот им се продолжува за онолку дена колку што рокот за реализација бил стопиран за времетраење на вонредната состојба, и тоа почнувајќи од денот на престанокот на вонредната состојба. Бабовски испрати апел апликантите да ги запазат роковите до кога треба да ги завршат своите инвестиции, бидејќи како што рече, создадени се сите возможни услови и предуслови за да може успешно и целосно да се финализираат отпочнатите проекти. Министер за шумарство, земјоделство и водостопанство, Трајан Димковски, кој исто присуствуваше на посетата ба компанијата „Којаконеја“, истакна дека самата инвестиција на оваа компанија е уште еден показател за широкиот спектар на финансиска поддршка што го нуди програмата ИПАРД 2. Во овој случај како што рече, користена е мерката 7 за диверзификација на фарми и развој на бизниси. - Оваа компанија е успешен пример за искористеноста на можностите што ги мерката 7 за инвестиции во неземјоделски производи. Од тоа што го видовме и не запознаа сопствениците на компанијата финансиската поддршка ја користеле за изградба на производствен погон, поставуавње соларни фотонапонски панели и набавка на опрема за производство на производи од дрво, рече Димковски. Тој додаде дека вкупна вредност на инвестицијата е 54,3 милиони денари, од кои 33,7 милиони денари е финансиска поддршка од програмата ИПАРД 2. Засега, појасни Димковски, суровината ја користат за производство на конструкција за гарнитури. Мерката диверзификација на фарми и развој на бизниси, според Димковски, има навистина широка примена и нуди поддршка на различни инвестиции во земјоделството. Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска при денешната посета на компанијата рече дека ИПАРД-програмата е навистина корисна програма, која директно вложува во развој на земјоделието но и на компаниите кои имаат домашно производство. Со тоа, додаде таа, тие стануваат конкурентни на европскиот пазар, но и во регионот заради тоа што имплементираат европски стандарди во своето производство. - Искуството што оваа компанија го има и она што ние денеска можеме да го видиме во пракса покажува што значи Европската Унија и европските програми за нашата држава, нашето земјоделство и за нашите компании. Тие во пракса искажуваат едно искуство кое значи инвестиција но и искористување на зелена енергија за производство кое што тие го прават во оваа компанија. Тоа директно влијае и на животната средина во нашата држава, но и за развој на економијата, рече Царовска. бт/сп/ https://www.facebook.com/MediumskaInformativnaAgencija/videos/557818308234840/?__tn__=kC-R&eid=ARB_q14Qe2HyVBfb2-eVspK499-WYJUeduWT5mFVPwLcNr56iLeBsUmg5AAfEQC1tWUT8vEUyz9bvmbp&hc_ref=ART5i1Ykv_hi7grf5JzR-oft9XRp-OznDb0u8b2Rn84cfwBeI0SXa7SGAav-otqmtaQ&__xts__[0]=68.ARA6Gl38npPPdKYUSNdQ0x5_80551qdDn5pqEHDdNfvNyGsfZXhz4KgXntNUH8ZK39V_hXL8eB3aBWUBGRPhbAylJPSucYmmhdpg5jRGRbISuWcSHYb6b5SQjtF8xubbBJ0UuZHFn92z6IxtGDYkZbH3mK7nsWm7gNSMPvVsJlgWzP3YkF-Mpa8lonHddZ5hlCy_i8mLOXExAkV7bJy_42lktp4PXqTJc3GSaSblQsjJEPbm9qadC76cF_IBpBT04QnDteymVRoDetgCAZLSl_QSaOXHbiHikWni1-e8mo2oEepwNYfY4k7Ve5XwB6XF2ecIj13LOBHbOc2A7eeQ-6pfV8YPu1-4TpEqvbSV56mtlQ2Rr_pWq59vHXgSsrsgEWg

Остани поврзан