• среда, 25 март 2026

„Баба Илка“ - нов роман од Жан Илиески во издание на „Макавеј“

„Баба Илка“ - нов роман од Жан Илиески во издание на „Макавеј“

Скопје, 5 март 2026 (МИА) -„Баба Илка“ е насловен новиот роман на Жан Илиески, кој е објавен деновиве од книгоиздателство „Макавеј“.

Според издавачот, романот претставува емотивно патување низ ходниците на сеќавањето, каде што детската љубопитност се среќава со суровата реалност на животот.

-Низ призмата на три летни распусти на едно 7-годишно момче и неговата сестра кај нивната баба во Прилеп, авторот Жан Илиески ја отсликува атмосферата на едно минато време – исполнето со мирис на сушен тутун, звуци на фудбалски радио-преноси и топлината на едноставните, но длабоки човечки врски. Во центарот на оваа приказна е баба Илка, тивка хероина чиј секојдневен труд и пожртвуваност го обликуваат светот на нејзините внуци. Прилеп е македонското Макондо, Илка е женската Зорба - се наведува за делото.

Уредникот на издението, проф. Владимир Цветкоски оценува дека „Баба Илка“ е приказна за созревањето, за спознавањето на светот и страдањето. Сето тоа е во сенката на една впечатлива женска фигура.

-Авторот Жан Илиески вешто го користи автентичниот прилепски дијалект и колоквијалниот говор за да постигне уметнички убедлив израз, спасувајќи ги од заборав ликовите и времињата кои полека исчезнуваат во подземната кал на заборавот- ќе посочи Цветкоски.

Предвидена е и помоцијата на романот „Баба Илка“, која, како што најавуваат од издавачката куќа Макавеј, е закажана за 17 март, со почеток во 19 часот, во Салон 19-19 во Културно-информативниот центар (КИЦ Скопје). 

Книгата е достапна за продажба преку веб-страницата на издавачот makavej.com.mk, како и во книжарниците „Полица“ и „Или-или“ во центарот на Скопје. вг/са/

Фото: корица

 

Остани поврзан