Ајшенур Карадениз од Турција најдобра учесничка на „Мал битолски Монмартр“
- Ајшенур Карадениз од турскиот град Трабзон е избрана за најдобра учесник, млад ликовен уметник на годинешната меѓународна детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“. Со одлука на меѓународното жири за најдобро училиште е прогласено ателјето „Артино“ од Белград, а на денешното свечено затворање посебни признанија добија и 13 индивидуалци од исто толку држави во светот.
Битола, 30 мај 2025 (МИА) - Ајшенур Карадениз од турскиот град Трабзон е избрана за најдобра учесник, млад ликовен уметник на годинешната меѓународна детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“.
Со одлука на меѓународното жири за најдобро училиште е прогласено ателјето „Артино“ од Белград, а на денешното свечено затворање посебни признанија добија и 13 индивидуалци од исто толку држави во светот.
- Заврши 44. издание на „Мал битолски Монмартр“, фестивал на уметноста на кој годинава учествуваа делегации од 17 држави во светот. Над 150 учесници уживаа во убавините на Битола, Охрид и манастирот Свети Јован Бигирски, каде сликаа староградска архитектура и се дружеја со своите домаќини. Интересно беше во Охрид каде по дождливиот ден кој ги затекна нашите учесници, љубезните угостители возвратија со фенови, крпи и топол чај и им овозможија на младите ликовни уметници да продолжат да сликаат низ градот. Секој ден доделувавме по четири посебни награди, а на затворањето меѓународното жири ги избра најдобрите учесници, истакна Славчо Неделковски, претседател на управниот одбор на ДЛС „Св. Кирил и Методиј“-Битола.
За време на колонијата, освен цртање на повеќе локации, за учесниците на „Мал битолски Монмартр“ беа организирани дуо изложба на ликовните педагози Марија Дима од Романија и Вејсел Аџар од Турција и други придружни манифестации. мт/цр
Фото: МИА