• петок, 15 ноември 2024

Ајнтрахт Франкфурт го враќа Геце во Бундеслигата

Ајнтрахт Франкфурт го враќа Геце во Бундеслигата
Франкфурт, 21 јуни 2022 (МИА) – Поранешниот германски репрезентативец и стрелец на победоносниот гол во финалето на Светското првенство 2014 против Аргентина, 34-годишниот Марио Геце се очекува да ги засили редовите на освојувачот на Лига Европа, Ајнтрахт од Франкфурт. Геце од 2020 година е член на холандски ПСВ со кој го врзува договор до 2024 година, но, според германските медиуми, Ајнтрахт одлучил да плати 4.6 милиони евра, колку што е износот за автоматски да се активира клаузулата од договорот според која Геце може да ја напушти холандската екипа за која одигра 77 натпревари и постигна 18 голови. Геце настапуваше 11 сезони во Бундеслигата од дебито во дресот на Борусија Дортмунд во 2009 година, а беше член и на минхенски Баерн. Германскиот офанзивен играч за врска не се појави првиот ден од подготовките на ПСВ, кој во новата сезона ќе го предводи Руд ван Нистелрој, а клубот соопшти дека Геце „добил дозвола за финализирање трансфер во друга екипа“. Според германските медиуми, Ајнтрахт на Геце ќе му понуди тригодишен договор. ег/паг/

Остани поврзан