Ајдин Османовиќ од Сребреник настапи на фестивалот „Златно славејче“
- Тринаесетгодишниот Ајдин Османовиќ од Сребреник, Босна и Херцеговина настапи на 54. детски музички фестивал „Златно Славејче“ во Македонскиот народен театар (МНТ). Ајдин во придружба на својот професор Јасмин Брашњиќ, изведе три македонски песни - „Јано мори“, „Заветна“ и „Мојата Македонија“.
Скопје, 19 ноември 2024 (МИА) - Тринаесетгодишниот Ајдин Османовиќ од Сребреник, Босна и Херцеговина настапи на 54. детски музички фестивал „Златно славејче“ во Македонскиот народен театар (МНТ). Ајдин во придружба на својот професор Јасмин Брашњиќ, изведе три македонски песни - „Јано мори“, „Заветна“ и „Мојата Македонија“.
Како што информира продукцијата „Stars&More“, неговата интерпретација и талент донесоа многу емоции и воодушевување на отворањето на фестивалот.
Патот до Скопје почна во Белград, на детската средба „Радост на Европа“, каде Ајдин и неговиот професор се запознаа со директорот на фестивалот Бобан Јосифовски. Оваа средба му овозможи на Ајдин да стане дел од едно од најважните музички случувања за деца во регионот.
- Иако фестивалот нема натпреварувачки карактер, фактот дека Ајдин прв пат ќе настапи во Скопје на вака важен фестивал за мене е особена чест. Посебно ме радува што е тоа „Златно славејче“, фестивал кој има традиција долга половина век и кој бил отскочна штица за многу млади таленти, изјави професорот Јасмин Брашњиќ.
На социјалните медиуми Ајдин и Јасмин ги нарекуваат најдоброто дуо. мд/са/
Фото: Продукција „Stars&More“