• среда, 27 ноември 2024

Ахмети: Потребна е сплотеност, некои се лутат, но нема враќање назад

Ахмети: Потребна е сплотеност, некои се лутат, но нема враќање назад

Скопје, 20 март 2023 (МИА) - Дваесет години работевеме луѓето да бидат заедно, и вечерва дојдов во Чаир како продолжение на средбите што ги имавме од Полог до Скопје. Во последно време некои се лутат, но кај мене нема враќање назад! Ги почитувам одлуките на мнозинството од партиските тела, но не можам да излезам од патот трасиран со крв и вредности, истакна лидерот на ДУИ Али Ахмети на вечерашниот митинг во спортската сала „Шабан Трстена“ во Чаир.

- Нашата мисија започна за обединување, да им го дадеме на Албанците тоа што историски го заслужиле, слобода, правда, еднаквост. Јас, Талат Џафери и сите како нас, мора да работиме да го трасираме овој пат и да го направиме просперитетен за новите генерации бидејќи времињата се сменија. Денес се бара образование, квалитет и експерти, па јас сум многу горд на тимот што го има ДУИ во Владата, а оваа гордост се зголемува кога добивам комплименти од меѓународни претставници за тоа колку е добар нашиот имиџ, рече Ахмети.

Порача дека треба да се задржат и поддржат тие професионални кадри да ги покажат своите вештини, а не да се задуши ДУИ.

- Отворете ги рацете и прифатете ги младите, прифатете ја иднината, затоа што не можеме да бидеме дел од Европа без квалитетен и стручен кадар. Во 2001 година ми рекоа, зошто ти требаат Арбен Џафери и Имер Имери. Ни требаа затоа што ни требаше сплотеност и единство повеќе од кога било. Се надминавме себеси по многу прашања, бидејќи единството, сплотеноста ве прави важен, затоа што имаме морална и национална одговорност Албанците да бидат таму каде што заслужуваат, кажа лидерот на ДУИ.

Ги повика политичките лидери, политичарите да го остават на страна гневот, сите да се обединат за земјата да стане дел од Европа, бидејќи, како што наведе „членството во ЕУ е најголемата услуга што може да им се направи на албанските семејства за запирање на миграцијата“.

- Патот кон ЕУ не се запира со пропаганда кон Артан, ние не сме воз туку незапирлив урган, и не излегувајте пред него зашто ќе ве збрише, порача Ахмети.

Вицепремиерот Артан Груби на собирот во Чаир рече дека е потребно помирување и обединување, а не поделба. Порача дека неговата рака останува подадена, бидејќи, како што посочи „нема ни огорчување, ни лутина“.

- Овде сме вечерва затоа што ни треба помирување и обединување, а не поделба. Раката ми останува подадена, затоа што немам огорченост или лутина, научени сме да бидеме заедно затоа што така ни налага времето и овој е вистинскиот момент. Сите заедно ги трасираме патиштата на ДУИ за интересите на нацијата, а не на поединецот, затоа што ДУИ е на сите, а не на неколкумина. Само слабите се плашат од конкуренција. Ништо не започнало и нема да заврши ниту со мене, ниту со некој друг, рече Груби на митингот во Чаир.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, пак, во обраќањето на митингот му заблагодари на Али Ахмети за довербата што ми ја дал да биде координатор на ДУИ во Чаир.

- Секој жител на Чаир ја почувствувал топлата рака на Али Ахмети, инвестираше во образованието, формирање на кадри кои не прават горди, затоа му благодариме. Активистите од Чаир се лојални на вашите политики, мисии и визионерски политики. Али Ахмети не се грижи за насловите на весниците туку за судбината на Албанците денес и утре, рече Османи.

Посочи дека самото присуство на Ахмети во саботата во Охрид му дало тежина на настанот.

- Али Ахмети ги обединува Албанците, како што ги обедини во 2001 година за потпишување на Охридскиот договор, а сега ги обединува Албанците на фронтот за Европа. Денес луѓето сакаат европски живот, со европски стандарди и добра, со високи плати и супермодерни институции, истакна Османи.

Bashkimi Demokratik për Integrim sonte mban tubim në sallën sportive

Претседателот на Собранието Талат Џафери од собирот во Чаир порача дека ДУИ не се занимава со муабети, туку ги спроведува итните барања на граѓаните.

- Мисијата што ја презедовме ќе ја извршиме до крај, бидејќи не се занимаваме со клевети и празни зборови, туку реализираме и спроведуваме, рече Џафери.

Вечерашниот митинг во Чаир е прв голем собир на кој се обрати Ахмети, откако двете „завојувани“ страни на ДУИ половина година оддржуваат паралелни собири.

Пред три недели во Чаир митинг одржа и фракцијата во партијата „огнената група“ на кој беа критикувани министрите на ДУИ, а особено Груби.

Судирот во ДУИ се заостри особено откако Ахмети за координатор на чаирскиот огранок го назначи шефот на дипломатијата Бујар Османи, потег кој за „огнените“ е нестатутарен, бидејќи Изет Меџити е претседател на огранокот на Чаир. Тоа го толкуваат како партиска елиминација на „огнените“ и најава за слични чекори и кон другите „непослушни“ координатори. шк/са/

Остани поврзан