• понеделник, 23 декември 2024

Ахмети: Пописот не треба да се претвори во бесмислена меѓуетничка битка, резутатите се прифатени од САД и ЕУ

Ахмети: Пописот не треба да се претвори во бесмислена меѓуетничка битка, резутатите се прифатени од САД и ЕУ
Скопје, 31 март 2022 (МИА) - Спроведувањето на попис во државата не треба да се претвори во бесмислена меѓуетничка битка. И јас сум граѓанин на оваа држава и ги гледам реакциите, но ми се чини дека сета оваа битка ја прават за да добијат политички поени и рејтинг на политички план. Овој статистички потфат е менаџиран и мониториран од релевантни институции на ОН, од експерти од областа на статистиката и овој е резултатот. Овие резултати беа политички поддржани и од Европската Унија, САД, изјави денеска претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети. - Ако отвориме спорови, Албанците ќе кажат дека и 200 до 300 илјади не се попишани, и Македонците, исто така и Србите, Турците... и што ќе правиме, ние нашата земја ќе ја претвориме во арена на дебати што не водат никаде, освен внатрешно расипување на односите меѓу етникумите. Во секоја земја има 10-12 проценти од населението кое не е попишано и во најдемократските земји. Вакво нешто можеби направиле македонски, албански, турски граѓани, кои не се одѕвале на повикот на државните институции за спроведување на граѓанскиот чин за попишување на жителите и општото богатство на граѓаните. Условите за сите беа еднакви. Државните институции постапуваа за сите без никаква разлика, но ова е резултат што е прифатен од надлежните институции. Внимателно ги слушав експертите за статистика на ЕВРОСТАТ кои го оценуваат како статистички потфат. Ќе апелирам до сите политички партии да не ја политизираат и да не ја расипуваат состојбата меѓу етникумите, рече Ахмети на настан по пуштањето во употреба на фотоволтаичен покрив на Општина Чаир. Тој истакна дека прашање на време е кога ќе се отвори Уставот „за да се отстрани додавката 20 проценти“. - Сега засега најчувствително прашање е решавање на проблемот со бугарската страна, бидејќи тоа е пречка за понатамошниот напредок кон отворање на преговорите со Европската Унија. Бугарската страна бара да се отвори Уставот кај нас и Бугарите да стануваат уставна категорија во Република Северна Македонија. Го поддржав ова барање на Република Бугарија затоа што право на секој е да се изјасни како се чувствува и ништо лошо нема да се случи со нашата држава и нашите македонски граѓани доколку се отвори Уставот. Тоа не го загрозува интегритетот и суверенитетот, туку е предност и демонстрација на државните вредности што ги застапуваме, рече Ахмети. На новинарско прашање за коментар за реизборот на Зијадин Села за претседател на Алијанса за Албанците, Ахмети истакна дека му посакува се најдобро, посочувајќи дека останува на ставот оти на Албанците не им требаат повеќе од две политички партии, бидејќи како што рече, „трета партија им штети колку што може да им наштети отпорот на една партија“. фф/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан