Ахмети на средба со италијанскиот амбасадор Силвестри: Упадот врз албанскиот јазик и Охридскиот договор ја отежнуваат ситуацијата
- Потпретседателот на ДУИ и поранешен шеф на дипломатија Бујар Османи вчера изјави дека изјавата на Курти е скандалозна, и како што кажа, „охрабрувачка за оние што сакаат да го доведат во прашање Охридскиот рамковен договор“.
Скопје, 19 ноември 2024 (МИА) - Претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети денеска во Тетово го примил италијанскиот амбасадор во земјава Андреа Силвестри, при што разговарале за Охридскиот договор, изборите, реформите и владеењето на правото, како и за евроинтеграциите.
Како што стои во соопштението на ДУИ, Ахмети нагласи дека ДУИ и Европскиот фронт победиле на претседателските и парламентарните избори, „но оваа волја на граѓаните неправедно била игнорирана од мандатарот“.
-Охридскиот договор е гарант за мирот, безбедноста, стабилноста и меѓуетничките односи во земјата. Нарушувањето на изборниот легитимитет, тенденциозниот упад врз албанскиот јазик, етничката припадност и правичната и соодветна застапеност директно влијае на меѓуетничките односи и на стабилноста на државата. Охридскиот договор го гарантираа ЕУ и САД, а дел од имплементацијата беа и НАТО и ОБСЕ, стои во соопштението на ДУИ.
Како што се наведува „политичкиот дијалог преку почитување на изборниот легитимитет на легитимните претставници на етничките заедници треба да се воспостави со заедничките парламентарни и локални избори во октомври 2025 година“.
Вчера косовскиот премиер Албин Курти, во одговор на новинарско прашање на прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во Приштина, за можноста за загрозување на албанскиот јазик во Северна Македонија, рече дека треба да се почека одлуката на Уставниот суд. -Ова прашање е на Уставниот суд во Северна Македонија. Три одредби од Законот за употреба на јазиците се доставени до Венецијанската комисија. Тие три одредби парадоксално никогаш не се применети во минатото. Сега Уставниот суд тоа треба да го оцени, рече Курти.
Потпретседателот на ДУИ и поранешен шеф на дипломатија Бујар Османи вчера изјави дека изјавата на Курти е скандалозна, и како што кажа, „охрабрувачка за оние што сакаат да го доведат во прашање Охридскиот рамковен договор“.
Од друга страна пак, министерот за здравство Арбен Таравари од владејачката коалиција „Вреди“, во изјава за косовската телевизија КТВ, рече дека изјавата на Курти била коректна и појасни дека не станува збор за одлука за закон за албанскиот јазик бидејќи таков закон не постои. нд/са/
Фото: ДУИ