• понеделник, 23 декември 2024

АХВ: Трипуновски повторно лажно шири паника, млекото со афлатоксин се враќа во Србија

АХВ: Трипуновски повторно лажно шири паника, млекото со афлатоксин се враќа во Србија

Скопје, 29 септември 2023 (МИА) - Неосновано ширење паника и доведување на граѓаните во заблуда е последната објавена вест на претседателот на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ Цветан Трипуновски, дека на рафтовите во продавниците се пласирани над 20 тони трајно млеко од  Србија со афлатоксин М1 над максимално дозволените концентрации, реагира Агенцијата за храна и ветеринарство.

АХВ апелира, граѓаните да бидат спокојни зашто „канцерогено” млеко со афлатоксин по потекло од Србија, како што тврди Трипуновски, на полиците во маркетите нема. Денес, со согласност на извозникот, од граница, тоа се враќа во Република Србија согласно законски дефинираните процедури.

-За да нема идни шпекулации и замајувања на јавноста, дека граѓаните во земјава пијат небезбедно млеко со афлатоксин, одговорно тврдиме дека со цел спречување на ризикот по јавното здравје, поради утврдено зголемено присуство на афлатоксин М1, на сила е Решението за безбедносни мерки при увоз на млеко, производи од млеко и храна за исхрана на животни од 1 декември минатата година кое го донесе Агенцијата за храна и ветеринарство. Со него се врши задолжително лабораториско тестирање на присуство на афлатоксин М1 на секоја пратка со млеко и производи од млеко која се увезува во земјава, а е по потекло од Република Србија или од Босна и Херцеговина. Мостри се земаат на граничните премини, односно пратките не се пуштаат во промет до добивање на задоволителен резултат од тестирањата. Оттаму, небулозно е денешното тврдење дека небезбедно млеко по потекло од соседна Србија завршило на рафтовите во продавниците. „Веста“ на Трипуновски за афлатоксинот во сурово млеко по потекло од една од поголемите млекарници е стара неколку месеци, иако и со неа денес се обиде да манипулира. Ова млеко, во согласност со операторот, уште во април годинава нештетно е уништено и не стасано во прометот, наведува АХВ во реакцијата. мч/дма/

фото: МИА архива

Остани поврзан