• четврток, 21 ноември 2024

Афродита Салихи, македонската фудбалска репрезентативка добитник на Годишната награда на Општина Ѓорче Петров

Афродита Салихи, македонската фудбалска репрезентативка добитник на Годишната награда на Општина Ѓорче Петров

Скопје, 20 септември 2024

Афродита Салихи, македонската фудбалска репрезентативка со 100 настапи во дресот на женската фудбалска репрезентација, е добитник на Годишната награда на Општина Ѓорче Петров. Наградата беше доделена на свечената седница на Советот по повод одбележувањето на 20 септември, Денот на Општината.

Градоначалникот Александар Стојкоски, во своето обраќање, истакна дека е голема чест, но и обврска, да се води општина која го носи името на македонскиот револуционер Ѓорче Петров. „Нашата задача е да ја чуваме нашата општина и да работиме чесно и домаќински за доброто на граѓаните“, рече Стојкоски.

Свечената седница беше можност за доделување на награди, признанија и благодарници за посебен придонес и афирмација на општината. Честитки добија следните ученици и просветни работници:

Горазд Трајковски, ученик во VI одделение во ООУ „Мирче Ацев“, за особен успех во ликовното и литературно творештво;
Дорис Димовска, ученик во IX одделение во ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“, за успех во областа на музичката уметност;
Искра Ристеска, ученик во IV одделение во ООУ „Тихомир Милошевски“, за успех во областа на спортот;
Анкица Спасова, наставник по математика во ООУ „Тихомир Милошевски“, која беше прогласена за просветен работник на учебната 2023/2024 година;
Андреј Крстевски, ученик во ООУ „Тихомир Милошевски“, кој беше прогласен за првенец на генерацијата 2016/2024.
Покрај овие награди, беа доделени и јубилејни награди за долгогодишна посветеност и успешна работа во општината. Наградени беа:

Валентина Николовска,
Наташа Трајковска,
Евелина Ќулумовска,
Катерина Вељаноска.
Градоначалникот Стојкоски подвлече дека општината се движи кон модернизација и урбанизација, истакнувајќи дека во изминатиот период се реализирани бројни проекти, вклучувајќи доградба на училишта, поставување на фекална и атмосферска мрежа и реконструкција на над стотина улици.

„Се гордееме со постигнатите резултати и продолжуваме да работиме на нови инфраструктурни проекти кои ќе придонесат за подобрување на животот на нашите граѓани,“ изјави Стојкоски, најавувајќи нови инвестиции и проекти за периодот 2024-2026 година.

Свечената седница заврши со честитки до сите наградени и повик за уште поуспешна наредна година во едно убаво, чисто и модерно Ѓорче Петров.

Општина Ѓорче Петров

________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

фото Општина Ѓорче Петров

Остани поврзан