• недела, 24 ноември 2024

Африкански лидери пристигнаа во Русија на руско-африкански самит

Африкански лидери пристигнаа во Русија на руско-африкански самит

Санкт Петербург, 26 јули 2023 (МИА) – Некои африкански лидери денеска пристигнаа во Русија на дводневен самит во Санкт Петербург со претседателот Владимир Путин, во време кога Кремљ бара повеќе сојузници во екот на борбите во Украина, пренесе Бета.

Путин денеска одвоено се сретна со етиопскиот премиер Абиј Ахмед и изјави дека Русија тројно ќе го зголеми бројот на студенти од Етиопија и ќе ги покрие трошоците за нивното образование.

Подоцна во текот на денот, Путин треба да има одвоена средба со египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси.

Ова е втор руско-африкански самит од 2019 година, при што бројот на шефови на држави е намален од 43 на 17 поради, како што Кремљ го опиша, „тежок притисок на Западот врз африканските држави“.

Советникот на Путин за надворешни работи, Јуриј Ушаков, рече дека на самитот ќе присуствуваат само 17 шефови на држави, но оти 32 други африкански земји ќе бидат претставени од високи владини претставници или амбасадори.

Самитот следи по повлекувањето на Русија од договорот за жито што беше од витално значење за многу африкански земји, потег што предизвика остра осуда ширум светот и иницира нови закани за глобалната безбедност на храната.

Путин повеќе пати вети дека Русија ќе им понуди бесплатно жито на сиромашните африкански земји по завршувањето на договорот за жито. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан