• сабота, 23 ноември 2024

Атлетски клуб Куманово победник на сениорски куп

Атлетски клуб Куманово победник на сениорски куп
Куманово, 1 јуни 2022 (МИА) – Атлетичарите од клубот Куманово освоија прво место во севкупна категорија (мажи и жени) на сениорскиот државен куп кој се одржа викендов во Скопје, информираа денеска од клубот. Според собраните поени Куманово е најуспешен клуб во државата. Младата ателетичарка Теа Алексовска го собори државниот рекорд во фрлање кладиво. - Поените не се собираат така лесно, можете да бидете први и да немате поени, ако не се постигне одредено ниво на резултат, т.н. норма. Само со остварување на зададената норма почнува доделувањето на поените, се бара квалитет на резултати, а не само масовност. Нашата екипа не беше многу голема, бевме 17 учесници, но едноставно сите успеаја да бидат прво, второ или трето место и на тој начин успеавме да победиме во однос на останатите екипи, изјави тренерот на АК „Куманово“, Филип Колевски. Атлетичарката Теа Алексовска на сениорскиот куп, успеа да го собори државниот младински рекорд во фрлање кладиво во категоријата под 18 и под 20 години, што претходно го држеше  кумановката Матеја Ефромовска од истиот клуб. – Учествував во три дисциплини, фрлање диск каде успеав да направам личен резултат, а со тоа и норма за балканското првенство што ќе се одржи во Црна Гора за две недели. Вториот ден,  учествував во дисциплината фрлање кладиво, каде успеав да поставам нов државен рекорд, односно младински рекорд кој сега изнесува 25,62 метри,  а учествував и во фрлање ѓуле, изјави Алексовска. Матеја Ефремовска постигна врвни резултати во пет дисциплини, меѓу кои трискок, фрлање диск, штафета, скок во далечина и фрлање ѓуле при што освои три први и две втори места. – Тоа е еден од најважните натпревари за нашиот клуб затоа што ова е како рангирање кој на кое место ќе бидеме во државата. За нас е најважен затоа што секогаш се бориме да станеме најдобар клуб и како и изминатите години ја освоивме оваа титула. Особено ме радува тоа што во женска конкуренција, постигнавме значајни резултати. Лично сум задоволна од моите резултати, бидејќи оваа година може да се каже како враќање од повреди и ова ми е најуспешен настап во изминатите години, изјави Ефремовска. Како дел од   македонската репрезентацијата атлетичарката Теа Алексовска ќе биде единствен претставник на Куманово на Балканското првенство во Црна Гора. ам/зс/

Остани поврзан