Атанасовски: Заокружете број 9, за Македонска Каменица да продолжи да се развива
- Кандидатот за градоначалник на Општина Македонска Каменица од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Димчо Атанасовски, вечерва на мини-митинг во Македонска Каменица повика граѓаните да го поддржат бројот 9 на гласачкото ливче на претстојните локални избори што ќе се одржат на 2 ноември.
Македонска Каменица, 31 октомври 2025 (МИА) – Кандидатот за градоначалник на Општина Македонска Каменица од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Димчо Атанасовски, вечерва на мини-митинг во Македонска Каменица повика граѓаните да го поддржат бројот 9 на гласачкото ливче на претстојните локални избори што ќе се одржат на 2 ноември.
Атанасовски истакна дека со поддршка на Владата и премиерот, наскоро општината ќе може да се пофали со целосна патна и водоводна инфраструктура.
– Со поддршка на Владата и премиерот, наскоро ќе кажеме дека сме прва општина со асфалтен пат до секој дом и со чиста вода за пиење за секое семејство. Најголемите и најзначајните проекти во нашиот град се изградени од ВМРО-ДПМНЕ и ние ќе продолжиме по трасираниот пат, пат по кој ќе чекориме сплотени, цврсто и храбро затоа што ние резервен дом немаме, изјави Атанасовски.
Тој нагласи дека изборната програма содржи нови проекти и идеи за понатамошен развој на општината.
– Имаме идеи за напредок и визија за иднината, работиме за успешна и модерна општина која ќе биде пример за останатите. Денес имаме нови асфалтни патишта, водоводни и канализациони системи во секој дел од општината, реконструирани образовни институции и јавно претпријатие кое целосно е во функција на граѓаните, додаде тој.
Атанасовски на крајот повика на обединување и поддршка на неговата кандидатура, нагласувајќи дека „времето што доаѓа е време на развој и напредок за Македонска Каменица“. вс/вј/
Фото: МИА