• среда, 25 март 2026

Асиф: Пакистанската нуклеарна програма ќе и биде достапна на Саудиска Арабија

Асиф: Пакистанската нуклеарна програма ќе и биде достапна на Саудиска Арабија

Исламабад, 19 септември 2025 (МИА) – Министерот за одбрана на Пакистан, Хаваџа Мохамед Асиф денеска изјави дека пакистанската нуклеарна програма „ќе биде достапна“ на Саудиска Арабија доколку тоа е потребно.

Тој додаде дека тоа е во согласност со новиот воен договор потпишан помеѓу Пакистан и Саудиска Арабија пред два дена. Договорот предвидува дека напад врз една од нив значи напад врз двете држави.

- Саудиска Арабија долго време е поврзана со нуклеарната програма на Пакистан и ѝ дава дарежлива финансиска поддршка што овозможи продолжување на нуклеарната програма, изјави пензионираниот генерал на пакистанската армија Фероз Хасан Кан.

Аналитичарите наведуваат дека признанието на Пакистан дека своето нуклеарно оружје ќе и биде достапно на Саудиска Арабија е сигнал за Израел, за кого долго време се веруваше дека е единствена нуклеарна сила на Блиски Исток.

Пакистан долги години е под санкции на САД поради неговата желба да произведе атомска бомба. На крајот од мандатот на американскиот поранешен претседател Џо Бајден беа воведени нови санкции поради развивање на балистички ракети.

Пакистан ја разви својата програма за нуклеарно оружје за да се спротивстави на нуклеарниот арсенал на Индија, со која е во конфликт уште од своето основање. Се претпоставува дека Индија има 172 нуклеарни боеви глави, додека Пакистан има 170. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан