• петок, 22 ноември 2024

Архиепископ г.г. Стефан: Светоста на Кирил Лешочки е поради преголемата љубов што ја имал кон Бога и луѓето

Архиепископ г.г. Стефан: Светоста на Кирил Лешочки е поради преголемата љубов  што ја имал кон Бога и луѓето

Тетово, 16 октомври 2022 (МИА) - Поглаварот на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија г.г. Стефан по канонизацијата на Кирил Лешочки се обрати до верниците со порака дека објавувањето на светоста на еден човек е израз на човековата благодарност, но и Божја волја за истакнување на преголемата љубов што светителот ја има кон Бога и кон луѓето.

Затоа, според г.г. Стефан, денес МПЦ-ОА го објавува овој докажан преподобен за уште еден небесен покровител и за уште еден молитвеник пред Божјиот престол.

-Преподобниот отец Кирил, не само што успеал во својот живот да се потруди за остварување на зададената подобност, туку тој како што расудува еден современ светогорски старец во својата мисија и со своите дела покажа дека единствено православното пастирство е пастирството на обожувањето. Затоа, овој наш голем проповедник тоа постојано му го проповедал на верниот народ. Со своите проповеди и писанија, па и со својата севкупна дејност се истакнал во преродбенискиот период во времето кога на нашиот народ му требало поука како треба да го љуби Бога, и како да ги сака луѓето и зошто треба да ги чува своето писмо и својот јазик следејќи го примерот на Светите браќа Кирил и Методиј и Светиот Климент Охридски, порача г.г. Стефан.

 

Тој, исто така, во беседата истакна дека Свети Кирил Лешочки е една од најистакнатите личности на просветителското движење во првата половина од 19 век. Со своите проповеди и писанија, во времето кога му требало поука на народот и зошто треба да го чува своето писмо и јазик.

-Воедно денес ја исправме неправдата која што на Кирил Лешочки му ја наметнуваше секуларната наука гледајќи на ова светило на врв планина само како на учител, книжевник и јазичар, а не и како на подвижник, монах, свештенослужител, молитвеник и црковен просветител и проповедник. Преподобниот Кирил е втемелувач на новата македонската книжевност и првиот позначаен писател во новата македонска литература. И монахот Кирил е блажениот човек, пред чие просветителско творење со должен пиетет треба да се поклониме. Лешочкиот игумен е човекот кој му нуди на тогашниот и на денешниот човек едно поинакво просветителство кое просветува и возведува кон светоста, просветителство кое го враќа сознанието во Богољубив начин на живеење, истакна поглаварот на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија.

Архиепископот посочи дека процесот на канонизација на Кирил Лешочки е уште една потврда на плодотворна дејност на надлежниот архиереј г. Јосиф, кој на почетокот на месецот одбележа десет години како ја води тетовско-гостиварската епархија. ас/сст/

Остани поврзан