Арт Лаб, проект на музичкото училиште во Струга и Тактус
- Зајакнување на мултикултурниот дијалог за разбивање на бариерите и предрасудите меѓу младите од различни етнички позадини и развој на меѓусебната соработка преку универзалниот јазик на музиката и уметноста беше целта на проектот Арт Лаб што го реализираа учениците од дисперзираните паралелки на ДМУ „Тодор Скаловски – Тетоец“ во Струга, со поддршка на здружението Тактус Охрид.

Струга, 18 февруари 2025 (МИА) - Зајакнување на мултикултурниот дијалог за разбивање на бариерите и предрасудите меѓу младите од различни етнички позадини и развој на меѓусебната соработка преку универзалниот јазик на музиката и уметноста беше целта на проектот Арт Лаб што го реализираа учениците од дисперзираните паралелки на ДМУ „Тодор Скаловски – Тетоец“ во Струга, со поддршка на здружението Тактус Охрид.
Во рамките на проектот, како што соопшти Државното музичко училиште - Струга, била создадена песна со текст на македонски и албански јазик.
- Музиката и текстот на песната ги создадоа учениците, под водство на професорките Снежана Караџовска – Попова и Биљана Николоска. Песната ја изведоа Едона Далипи и Ѓоко Чеменкоски, а аудио продукцијата беше мајсторски завршена од професорот Вагнер Нуши, стои во информацијата на Музичкото училиште од Струга.
Покрај музичкиот сегмент, како што е наведено, учесниците создале и колаборативно уметничко дело од 21 платно споени во мозаик со наслов „We Are One“, симболизирајќи единство.
Во проектот Арт Лаб учествувале 26 ученици, по 10 средношколци од албанска и македонска националност и по двајца турци, египјани и македонци муслимани.
Мултимедијалниот проект е поддржан од ОБСЕ и Министерството за образование и наука преку програмата „Градиме нови мостови“. Во првиот дел учесниците подготвија концерт „Music Lab“ кој претставуваше музички времеплов од средниот век до 21 век. сс/дма/
Фото: Здружение Тактус