• недела, 22 декември 2024

Арсовски: М-НАВ е обврзана да ги следи строгите меѓународни правила во воздушниот сообраќај

Арсовски: М-НАВ е обврзана да ги следи строгите меѓународни правила во воздушниот сообраќај
Скопје, 10 ноември 2022 (МИА) - Од Владата велат дека според информациите што ги имаат, постапката за избор на кандидати за обука на контролори на летање е се уште во тек, како и дека М-НАВ, давателот на услуги на воздухопловна навигација, која го спроведува конкурсот, е институција со сопствени тела за менаџирање, програма за работа, начин на одлучување и буџет, којашто е обврзана да ги следи строгите правила во воздушниот сообраќај. На прашање на МИА за коментар на случувањата во М-НАВ по објавите за оставки и за оспорување на конкурсот за контролори на летање и дали Владата ќе преземе нешто со оглед на сензитивноста на областа во поглед на безбедноста на авиосообраќајот, портпаролот на Владата Душко Арсовски денеска истакна дека М-НАВ е институција која има сопствени тела за менаџирање, програма за работа, начин на одлучување и буџет. - Во однос на вашите прашања според информациите кои ги има Владата, постапката за избор на обука на кандидати за контролори на летање е се уште во тек. Согласно со меѓународните стандарди, М-НАВ е обврзана во своето работење да ги следи строгите правила на Евроконтрол и на Меѓународниот систем за управување со воздушен сообраќај на којшто е членка, рече Арсовски. Александар Тасевски, претседател на Струковиот синдикат на контролори за летање (ССКЛ), претходно изјави дека како синдикат и како професионалци нема да отстапат од намерата за целосно спроведување на конкурсот за контролори на летање во М-НАВ како што е по регулативата. Тој потврди дека вчера до менаџментот на М-НАВ е доставено писмо со кое раководните лица од пониско ниво - помошници директори, раководители на сектори, главни инструктори, експерти, побарале да бидат разрешени, а како реакција на тоа што, како што вели, се уште не е почната обуката по завршената селекција на кандидатите за контролори на летање во М-НАВ, што ја поминале 12 од 250 пријавени апликанти. Како што објаснува, компанија на која државава и делегира задачи и одговорност за управување и контрола на цивилниот воздушен сообраќај во земјава, уште не одобрила да почне обуката на избраните кандидати, иако за изборот била задолжена лиценцирана фирма од Данска. Тасевски вели дека веќе имале разговори со раководството на  М-НАВ од кое побарале да почне обуката на избраните кандидати и укажале на последиците доколку таа не биде спроведена. - Во целиот избор се вклучивме како набљудувачи за да бидат избрани навистина квалитетни кандидати, како што беа од претходната класа. Изборот се одвиваше со примена на алатка (FEAST), со која се прави правилна селекција. Но, се сомневаме дека не се избрани кандидати блиски на менаџментот и на високи политички функционери и сега компанијата се обидува да го поништи целиот процес, да постави нови критериуми за избор за тие да влезат. Со тоа ќе пропаднат парите дадени за целиот процес, кој се одвиваше во просториите на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), а  можно е да треба да плаќаме пенали, изјави Тасевски. лв/сп/ 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан