• петок, 20 декември 2024

Арсовска: Гасификација, чистење на дивите депонии и бесплатен и еколошки јавен превоз се дел од системските решенија за чисто еколошко Скопје

Арсовска: Гасификација, чистење на дивите депонии и бесплатен и еколошки јавен превоз се дел од системските решенија за чисто еколошко Скопје
Скопје, 23 октомври 2021 (МИА) - Скопје не е чист еколошки град и загадувањето во Скопје сè уште е тема меѓу скопјани. Година кога времето е ветровито може да ги намали параметрите кои укажуваат на загадувањето, но тоа во ниту еден случај не е трајно решение. Во програмата за модерно Скопје планирано е формирање на зелен совет со експерти за животна средина и претставници од невладиниот сектор каде ќе се разгледуваат сите прашања од областа на екологијата и урбаниот хаос во Скопје. Ќе се отвори и зелена линија каде граѓаните ќе може да пријават загадување и инциденти поврзани со животната средина, а инспекциските и интервентните тимови ќе преземат акција веднаш без одложување, истакна независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска на денешната прес-конференција од Градскиот парк. - Уште во првите 82 дена од мандатот ќе ги исчистиме дивите депонии каде се согорува опасен отпад. Ќе набавиме 250 еколошки автобуси и ќе го олесниме пристапот до јавниот превоз, а со бесплатниот и квалитетен јавен превоз се очекува намалување на користењето автомобили и сообраќајниот метеж. Ќе бидат воспоставени повеќе пешачки зони во општините, каде што пешаците и велосипедистите ќе имаат приоритет пред автомобилите. Секоја година ќе бидат засадени 100 000 нови дрвја за да го зголемиме зеленилото во градот, нема повеќе да се сечат дрвја ниту во центарот ниту на кое било друго место во градот. Ќе иницираме закон за заштита на Водно и ќе се отпочне со продолжување на жичницата, рече таа. Како едно од решенијата во програмата на Арсовска е и гасификација на Скопје со што, според неа, ќе се овозможи еколошко решение за скопјани, како и креирање на повеќе зелени површини во градот, што дополнително ќе придонесе до намалување на загадувањето и овозможување на чиста и здрава животна средина за сите скопјани. - Дополнително, ќе се реализираат пет нови мега парка. Мора да има системски решенија за загадувањето. На скопјани им е доста од оправдувања дека нема време нешто да се среди. Знаеме сите дека треба волја и план. Потребни ни се ефикасни и целосни, а не половични решенија. Да почнеме да ги менуваме работите, за наше Скопје, за модерно Скопје, заклучува Арсовска. Арсовска потенцира дека за такси превозниците е важно е тие да имаат добри позиции што ќе бидат поставени на точно, квалитетно и добро одбрани места во градот, онаму каде што има најголема фреквенција на патници, каде што ќе можат да ја дадат соодветната услуга, а во ниту еден момент да не бидат оштетени како сектор. Јавното сообраќајно претпријатие, според Арсовска, мора дабиде одржливо, а ќе биде одржливо со квалитетно и ефикасно менаџирање на процесите и на сетоа она кое е навистина важно за да видиме дека јавните претпријатија можат да генерираат и добивка, а не да бидат загубари. - Јас постојано апелирам и кажувам  дека само во првите шест месеци од оваа година има генерирано загуба од 139 милиони, што е навистина голем загубар и тоа го гледате во континуирано во изминатите години. Верувам со добро и квалитетно менаџирање, овој процес ќе се затвори. Значи, ние мораме да ги менаџираме квалитетно јавните претпријатија за тие да покажат добри резултати, а пред се мора да знаеме дека градот Скопје и во овој момент во јавното сообраќајно претпријатие дотира со навистина огромна сума средства за да ги покрие тие долгови и трошоци што се прават во ЈСП, истакна независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска. На новинарско прашање за тврдењата на Шилегов дека таа одбива да учествува на дебата заедно со него, Арсовска истакна дека доколку Шилегов сака да покаже одраз на демократија, редно е прво да се извини за дискредитациите и навредите и веднаш утредента ќе имаат дебата. - Јас кажав повеќе пати, на самите дебати кои што ги имавме за соочување со господинот Шилегов побарав лично од него гледајќи го во очи, да се извини за сите навреди што ги направи и за сите лични дискредитации кои што ги правеше од својот градоначалнички профил, за кој сите ние скопјани плаќаме за тој да биде на таа позиција, а не да не навредува, ниту да не дискредитира. А доколку тој сака да покаже одраз на демократија, редно е прво да се извини. Тогаш нема да имам никаков проблем со него повторно да седнам на маса, рече таа. фф/нд/

Остани поврзан