• понеделник, 16 декември 2024

Апсења за криминал тежок 6,5 милиони евра за набавка на адитиви за РЕК Битола и РЕК Осломеј, пронајдени 130.000 евра во кеш

Апсења за криминал тежок 6,5 милиони евра за набавка на адитиви за РЕК Битола и РЕК Осломеј, пронајдени 130.000 евра во кеш

Скопје, 10 декември 2024 (МИА) - Полицијата во координација со Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) од рано изутрината спроведува акција во Велес, Неготино, Битола, Кичево и Скопје поврзана со работењето на РЕК Битола и РЕК Осломеј за набавка на адитиви. Според проценките, направена е штета и стекната противправна имотна корист од 6, 5 милиони евра.

Со акцијата се опфатени вкупно 29 лица, меѓу кои и поранешниот директор на РЕК Битола Васко Ковачевски, кој се товари за несовесно работење во службата, и не е во државата и за него нема да се бара притвор. Според информациите на МИА, во акцијата полицијата запленила 130.000 евра во кеш.

Поранешниот член на Управниот одбор на ЕСМ и директор на комерција Ардијан Муча, се сомничи за злоупотреба на службена положба по чл.353 ст.4 вв ст.1 вв.чл 45 од Кривичниот законик. Муча, според информациите, овозможил значителна имотна корист за друг преку неизвршување на својата службена должност. И за него како и за Ковачевски, нема да се бара притвор, туку само мерки на претпазливост.  

За осум лица опфатени во акцијата се очекува да добијат 30 дена ефективен притвор. Станува збор за Небојша Стојановиќ, Васко Стефанов, Ранко Стојановиќ, Мирко Стојановиќ, Маја Јорданова, Пеце Матески, Данчо Стојановски и Пецо Стојановски. За Милица Стојановиќ ќе се бара домашен притвор од 30 дена, а за 14 лица се очекува да бидат побарани мерки на претпазливост без притвор.

Предвидено е и замрзнување на нелегално стекнатиот имот од периодот на подготовка на набавката до денес (од 2022 до денес) кај лицата, за кои постојат основи дека се вмешани во перење пари.

Од рано изутринава се вршеа претреси и лишувања од слобода кај три лица од Велес, 10 од Неготино, 9 од Битола, шест од Кичево и едно од Скопје. Меѓу нив се Данчо Стојановски од Велес кој се смета за организатор на набавка на адитивите за РЕК Битола и Маја Јорданова од Велес, носител на Договорот за адитивите, Небојша Стојановиќ организатор, Васко Стефанов поранешен генерален директор на ЕСМ, кој се смета дека помагал за да се злоупотреби постапката и член на злосторничко здружување, Пеце Матевски од Битола, поранешен директор на РЕК Битола, кој исто така се сомничи дека помагал да се злоупотреби постапката и член на злосторничкото здружување. Овие лица се товарат за злоупотреба на постапка за јавен повик и злосторничко здружување, а Небојша и членови на неговото семејство за перење пари. ев/ац/

Фото: МИА Архива 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан