Април 2023 постуден и поврнежлив во споредба со многугодишните просечни вредности
- Средномесечната температура изнесуваше од 4,4 степени во Маврово до 12,7 во Гевгелија. Споредено со просечните априлски средномесечни температури, за триесетгодишен период (1991-2020), овогодинешната беше 1,3 степени под државниот просек.
Скопје, 3 мај 2023 (МИА) - Минатиот месец, април 2023-та, е постуден и поврнежлив во споредба со многугодишните просечни вредности, покажуваат мерењата и набљудувањата на метеоролошките станици во земјава.
Како што соопшти УХМР, средномесечната температура изнесуваше од 4,4 степени во Маврово до 12,7 во Гевгелија. Споредено со просечните априлски средномесечни температури, за триесетгодишен период (1991-2020), овогодинешната беше 1,3 степени под државниот просек.
-Средната максимална температура варираше од 9,1 степени во Маврово до 18,8 во Гевгелија. Највисоката максимална температура беше измерена на 30-ти Април во Гевгелија и изнесуваше 25,6. Забележена е појава на мраз на 06 и 07-ми во месецот. Средната минимална температура варираше од 0,3степени во Маврово до 7,6 во Гевгелија. Најниската минимална температура во текот на месецот беше измерена во Маврово, на 07-ми Април и изнесуваше -6,6 степени. Месечната сума на врнежи изнесуваше од 55 милиметри во Охрид до 131 милиметри во Маврово, наведува УХМР.
Врнежите беа од дожд и снег. Максимално дневно количество на врнежи од дожд, 50 милиметри, беше регистрирано во Демир Капија на 4 април, додека максимална снежна покривка од 28 сантиметри беше измерена на Попова Шапка на 10 април.
Според УХМР, споредено со априлската просечна вредност за многугодишен период (1991-2020), измерената месечна сума на врнежи беше 25 милиметри или 48 отсто над просечната на ниво на држава. мч/дма/
Фото:МИА архива