• понеделник, 04 ноември 2024

Апелација: Правото на жалба за „Титаник 2“ истекува на 17 март, предметот административно е вратен на првостепниот суд

Апелација: Правото на жалба за „Титаник 2“ истекува на 17 март, предметот административно е вратен на првостепниот суд

Скопје, 15 март 2023 (МИА) - Основниот кривичен суд Скопје, предметот  во јавноста познат како „Титаник 2“ го доставил на постапување и одлучување во Апелациониот суд Скопје на ден 07.03.2023 година, пред истекот на законските рокови за преземање на дејствија пред првостепениот суд, информира денеска Апелациониот суд Скопје.

Последната достава на првостепената пресуда, како што појаснуваат од Апелација, е со прием од обвинет на 02.03.2023 година, што значи рокот за поднесување жалба отпочнал да тече на 03.03.2023 година и рокот во кој обвинетиот може да го искористи правото на жалба истекува на 17.03.2023 година.

– Согласно одредбата од член 420 став 2 од Законот за кривична постапка е предвидено дека жалбата и одговорот на жалбата со сите списи, првостепениот суд во рок од три дена од приемот на одговорот на жалбата, односно по истекот на рокот за поднесување одговор на жалбата, ќе ги достави до второстепениот суд. Првостепениот суд не го сочекал рокот од 15 дена за евентуално изјавена жалба и пред истекот на тој рок го доставил предметот со списите на постапување и одлучување во Апелациониот суд Скопје, се вели во соопштението од Апелационен суд Скопје.

Од наведените причини, предметот административно е вратен на првостепниот суд истиот да постапи и по истекот на законските рокови за изјавување на жалба, односно одговор на жалба предметот со сите списи да се достави до Апелациониот суд Скопје на одлучување во  жалбена постапка.

На 23 јануари годинава, Основниот кривичен суд ги прогласи за виновни и им изрече вкупна казна од 12 години затвор на обвинетите во повторената постапка за случајот „Титаник 2“, кој се однесува за изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година во Општина Струмица.

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, за стореното кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“ судот го осуди на казна затвор во траење од две години, во која се пресметува и времето поминато во притвор.

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, за сторено кривично дело „повреда на избирачко право“ судот го осуди на казна затвор од две години.

На поранешните членови на Државната изборна комисија Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев, судот за сторено кривично дело „повреда на избирачко право“, им изрече казна затвор од по две години.

Основниот кривичен суд во Скопје на 8 март 2019 година на обвинетите во случајот „Титаник 2“ им изрече вкупно 19 години и осум месеци казна затвор, но Апелациониот суд Скопје во ноември 2019 година, поради суштествени повреди на постапката, ја укина првостепената пресуда и случајот го врати на повторно одлучување.

Јавниот обвинител Гаврил Бубевски, по изрекувањето на пресудата, рече дека е задоволен од изречената пресуда и дека нема да поднесе жалба за како што рече „ да се спречи“.

Бранителот на обвинетиот Сашо Мијалков, адвокатот Љупчо Шврговски, тогаш најави дека ќе поднесат жалба по однос на пресудата, посочувајќи дека „и оваа осудителна ќе ја доживее истата судбина со претходната пресуда “. аа/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан