• недела, 22 декември 2024

Апелација ги одби жалбите на обвинетите во „Монструм“, казните потврдени

Апелација ги одби жалбите на обвинетите во „Монструм“, казните потврдени
Скопје, 6 септември 2022 (МИА) - Жалбите на петмината обвинети во случајот „Монструм“ се одбиени како неосновани, а првостепената пресуда е преиначена само по однос на засметувањето на мерката притвор што ја поминале обвинетите, потврдија од Апелациониот суд во Скопје за МИА. - Засметано е точно времето што е поминато во притвор, бидејќи во тој дел првостепената пресуда имаше некој недостаток. Така што, со нашата пресуда е засметано времето поминато во притвор, велат оттаму. Второстепениот суд ги потврди казните на осудените, односно доживотниот затвор за Алил Демири и браќата Агим и Африм Исмаиловиќ. Со правосилната пресуда потврдена е и казната за Хаки Азири кој беше осуден на казна затвор од девет години, а Фејзи Азири на казна затвор од 15 години. Ослободителна пресуда доби единствено обвинетиот Сами Љута. Петкратното убиство се случи на 12 април 2012 година кај Смиљковското Езеро, кога беа убиени Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, како и рибарот Борче Стевковски. „Монструм“ имаше две судења, откако во 2017 година Врховниот суд го врати случајот на  почеток кај Специјалното јавно обвинителство. Обвинението го застапуваше обвинителката Фатиме Фетаи. ар/дма/

Остани поврзан