• четврток, 04 декември 2025

Апасиев: Договорот за стратешко партнерство со Велика Британија е катастрофално штетен за државата

Апасиев: Договорот за стратешко партнерство со Велика Британија е катастрофално штетен за државата

Гостивар, 28 мај 2025 (МИА) – Лидерот на политичката партија Левица, Димитар Апасиев на новинарско прашање околу договорот за стратешко партнерство со Велика Британија, оцени дека е катастрофално штетен за државата.

Апасиев, појаснувајќи го делот на тоа што во Член 6 се вели дека двете страни, Македонија и Велика Британија, немаат право на арбитража, трибунал, ниту на постапки пред домашните и меѓународните судови, тој коментираше.

- Морам да кажам дека коалицијата ВМРО-ДУИ си функционира беспрекорно. Денеска го шверцаат во Собранието. Утрово во 10 добивме порака дека во 11 е закажана Комисијата за надворешна политика кај Муса Џафери, кој е кадар на ДУИ, што значи дека има договор со нив за тоа, рече Апасиев.

Тој во коментарот за Договорот го оцени како катастрофален, бидејќи ја презадолжува државата. Според Апасиев, договорот е преседан по две основи: по износот на задолжување, тоа значи дека во наредните три децении секое новородено бебе ќе треба да враќа долг од 6.000 € и од друга страна, по изземањето на домашниот правен поредок.

- Во овој конкретен случај, мислам дека има работи и за Уставниот суд, бидејќи таква одредба што го иззема националното и меѓународното право е невиден преседан. Ако се сеќавате, за Бехтел и Енка носевме закони кои целосно го дерогираа постојниот правен поредок, а ова целосно го иззема, што е без преседан. Мислиме дека ова е катастрофално штетен договор за државата, рече Апасиев.

Тој кажа дека нема информација од собраниските служби за патните трошоци, бидејќи се на пауза.

-Од јануари одбиваат да ги дадат информациите за патните трошоци, зашто нашите сомнежи се дека имало пратеници од владејачката партија кои користеле и патни трошоци и кирија за стан. И тоа сакавме да го докажеме, меѓутоа службите одбиваат да го направат и сè додека одбиваат, ние ќе бараме еден час пауза претходно. Се надеваме дека ќе добиеме информации, зашто ни следуваат согласно закон, рече Апасиев. згм/

Фото МИА архива

 

 

Остани поврзан