• понеделник, 23 декември 2024

Анкета на ИРИ: Зголемена поддршка за членство во ЕУ, недостиг на доверба во владеењето на правото

Анкета на ИРИ: Зголемена поддршка за членство во ЕУ, недостиг на доверба во владеењето на правото

Скопје, 10 јули 2023 (МИА) - Зголемена поддршка за членство во ЕУ, ниско ниво на доверба во владеењето на правото и разлики за правецот на движење на локално и национално ниво, покажува анкетата на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) за Северна Македонија. Спроведена е во периодот од 8 април до 4 мај 2023, преку интервјуа лице-во-лице во домовите на испитаниците, на национален репрезентативен примерок од 1,204 испитаници, на возраст од 18 и повеќе години. 

Како што се наведува во соопштението, на прашањето дали ја поддржуваат интеграцијата на земјата во Европската Унија, 79 отсто од возрасните испитаници одговориле со „да“, што претставува раст од шест процентни поени во однос на анкетата извршена минатиот октомври.

-Растот во поддршката за ЕУ интеграција е знак дека западните институции нудат надеж за успешна иднина...Граѓаните на Северна Македонија ја сметаат интеграцијата со демократски блок каков што е ЕУ како клучна за мир и напредок, изјави Пол Мекарти, директор на ИРИ за Европа.

Анкетата, се посочува, исто така покажа дека поголемиот број граѓани немаат доверба во владеењето на правото. Само 31 отсто од испитаниците, се додава, се согласиле дека законот еднакво се применува за сите граѓани на Северна Македонија, што е најниско ниво до сега, а 65 отсто не се согласиле со оваа изјава.

-Нашата анкета покажува дека помал број граѓани имаат доверба во еднакво спроведување на законот“, рече Мекарти и додава дека „лидерите во Скопје мора да се осврнат на ова прашање доколку сакаат да влеат доверба во владата и во политичките институции на земјата“. 

Освен ова, граѓаните на Северна Македонија се поделени во однос на насоката според која се движи нивната локална самоуправа споредено со насоката во која се движи државата. Така, се наведува понатаму, 28 отсто од испитаниците сметаат дека нивната општина се движи во вистинската насока, додека само 14% го мислат истото за земјата како целина.  

Анкетата е спроведена во име на  Центарот за анкетни истражувања од Брима, фирма за истражување на пазарот (членка на групацијата КАНТАР). Податоците се пондерирани според возраста, полот, регионот, населеното урбано/рурално место и етничката припадност. Маргината на грешка за целиот примерок не е над ± 2.8 поени со ниво на доверба од 95%. Стапката на одговор е 74%.    

Анкета е извршена со поддршка од Националната фондација за демократија. вг/нд/

Фото: Принтскрин

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан