Анкета: Заев со поголема поддршка од Мицкоски, СДСМ минимално пред ВМРО-ДПМНЕ
- Најголема доверба граѓаните имаат во лидерот на СДСМ и актуелен премиер Зоран Заев (39,7%), потоа во лидерот на Левица, Димитар Апасиев (29,7%), а веднаш зад него е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Хри
Скопје, 28 декември 2020 (МИА) - Најголема доверба граѓаните имаат во лидерот на СДСМ и актуелен премиер Зоран Заев (39,7%), потоа во лидерот на Левица, Димитар Апасиев (29,7%), а веднаш зад него е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски (28,3%) и лидерот на ДУИ, Али Ахмети (15,5%), покажува анкетата на Македонскиот центар за меѓународна соработка – МЦМС и Телевизија Телма, спроведена од М-Проспект од 6 од 24 декември по телефонски пат.
Недовербата е мнозинска и кај сите, односно за Зоран Заев таа изнесува 59,4%, за Христијан Мицкоски, 70,0%, за Али Ахмети 80,7 %, а за Димитар Апасиев 66 %.
Резултатите, како што информираат од МЦМС, покажале дека речиси и да нема разлика во рејтингот на двете најголеми политички партии во државата.
На прашањето: „Доколку утре се одржат парламентарни избори, за која партија би гласале?“, 18,6 проценти од испитаниците се изјасниле за СДСМ, а 18,1 процент ја избрале ВМРО-ДПМНЕ. Разликата меѓу најголемите партии е во рамките на статистичка грешка.
- Ова е историски ниска поддршка на овие две политички партии, која, од ноември 2016 година, кога поддршката за ВМРО-ДПМНЕ беше 19,4%, не се спуштила под 20%. Во албанскиот политички блок, во водство е ДУИ (6,7%), по нив се Алијанса за Албанците (4,6%) и БЕСА (2,4%). Најголем скок во рејтингот има кај Левица 6,3%, односно 5,7 процентни поени повеќе од јуни 2020 година, наведуваат од МЦМС. аа/бак/