Анкета: Грчката владејачка партија Нова демократија стабилна на првата позиција
- Стабилна на првата позиција е грчката владејачка партија Нова демократија, со 10, односно 11 проценти повеќе од опозициската ПАСОК, покажуваат резултатите од двете истражувања на јавното мислење спроведени од агенциите „Pulse“ и „Metron Analysis“ за телевизиите „Скај“ и „Мега“, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 20 декември 2024 (МИА) – Стабилна на првата позиција е грчката владејачка партија Нова демократија, со 10, односно 11 проценти повеќе од опозициската ПАСОК, покажуваат резултатите од двете истражувања на јавното мислење спроведени од агенциите „Pulse“ и „Metron Analysis“ за телевизиите „Скај“ и „Мега“, јави дописничката на МИА од Атина.
На политичката сцена во Грција, трета сила е Комунистичката партија, додека СИРИЗА е на петтата позиција и добива 6,2 односно 6,5 отсто.
Шест од десет Грци кои биле анкетирани во истражувањето за телевизијата „Мега“, сметаат дека земјата оди во погрешна насока, 44 проценти одговориле дека нивната лична состојба е полоша споредбено со една година претходно, а 39 отсто рекле дека се во иста ситуација.
Работата на Владата 59 проценти ја оцениле негативно, а идентична е оцената и за грчкиот премиер, 57 отсто имаат негативно мислење.
Речиси половина од испитаниците во анкетата за „Скај“ сметаат дека новата година во светот ќе биде помалку или повеќе полоша од 2024 година, а 39 проценти сметаат дека горе-долу ќе биде иста.
Истражувања на јавното мислење на „Pulse“ за „Скај“ било спроведено од 15 до 17 декември со анкетирано 1.121 лице, а на „Metron Analysis“ за „Мега“, од 11 до 17 декември со учество на 1.303 граѓани со право на глас. ср/