• сабота, 21 декември 2024

Анкета: Волц со предност пред републиканецот Ванс пред вицепретседателската дебата во САД

Анкета: Волц со предност пред републиканецот Ванс пред вицепретседателската дебата во САД

Вашингтон, 25 септември 2024 (МИА) - Сенаторот од Охајо Џеј Ди Ванс, кандидат за потпретседател од Републиканската партија, е помалку популарен меѓу гласачите во споредба со неговиот демократски ривал – гувернерот на Минесота Тим Волц, покажува нова анкета на Асошиејтед прес и Центарот за истражување на јавното мислење НОРК.

И Ванс и Волц се појавија во јавноста летово, по релативна анонимност. Демократите имаат попозитивен став за Волц и потпретседателката Камала Харис (кандидат за претседател на Демократите), во споредба со републиканците за Ванс и поранешниот претседател Доналд Трамп (кандидат на Републиканците).

Резултатите покажуваат дека предизвиците за Републиканците се зголемуваат како што започнува гласањето во сè повеќе држави.

Истражувањето покажува дека негативното мислење за Ванс е значително пошироко распространето отколку позитивната перцепција за него. Околу половина од анкетираните избирачи гледаат со одредено или со силно неодобрување на Ванс, за разлика од четири од десетмина кон крајот на јули, кога околу една четвртина од испитаниците имале донекаде или многу позитивно мислење за него, додека сличен дел од испитаниците изјавиле дека немаат доволно информации за да одговорат.

За разлика од него, Волц е повеќе ценет. Околу 30 отсто од испитаниците имаат лошо мислење за него, 40 проценти го одобруваат, а останатите 30 отсто немаат мислење.

Оваа разлика во поволната перцепција се пренесува и на гласачите од партиските јадра. Околу 70 отсто од приврзаниците на демократите имаат позитивно мислење за Волц, додека републиканците кои го поддржуваат Ванс се 60 отсто.

Жените имаат поголема склоност да ги поддржат кандидатите на Демократската партија, додека мажите се повеќе наклонети кон Републиканската. Оваа разлика е очигледна меѓу поддржувачите на Трамп и Харис, но Волц е повеќе ценет од Ванс, и кај мажите и кај жените.

Околу 40 проценти од мажите и жените имаат позитивно мислење за Волц, додека Ванс има одобрување од околу 30 проценти од мажите и околу 25 проценти од жените.

Волц има предност во популарноста пред Ванс и кај гласачите над 60 години. Половина од луѓето во оваа група гледаат на него со одредено или силно одобрување, додека само тројца од десетмина имаат слично мислење за Ванс.

И покрај неговата надмоќност над Ванс во некои подрачја, сè уште има некои клучни групи меѓу демократите кои не го одобруваат Волц. Околу три четвртини од црните избирачи имаат позитивно мислење за Харис, но само околу половина го кажуваат истото за Волц. На Харис се гледа многу поповолно и меѓу жените – околу три од десет жени изјавиле дека не знаат доволно за Волц за да формираат мислење за него.

Генерално, ниту еден од кандидатите за потпретседател не ги засенува Харис или Трамп кај основните демографски групи, и двајцата остануваат помалку популарни во споредба со претседателските кандидати, дури и меѓу групите кои се партиско јадро на двете политички формации. На пример, околу една четвртина од белите гласачи без универзитетска диплома не знаат доволно за Ванс, а околу четири од десет избирачи на возраст меѓу 18 и 29 години немаат мислење за Волц.

Ова значи дека нивната популарност може да продолжи да се менува со зголемување на нивната препознатливост на национално ниво.

Истражувањето е спроведено меѓу 1771 гласач, во периодот од 12 до 16 септември 2024 година. ссм/

фото: архива

Остани поврзан