• петок, 22 ноември 2024

Анкета: Бајден води пред Трамп со шест процентни поени, додека Хејли е пред Бајден, ако директно се соочат на изборите

Анкета: Бајден води пред Трамп со шест процентни поени, додека Хејли е пред Бајден, ако директно се соочат на изборите

Вашингтон, 1 фебруари 2024 (МИА) Рејтингот на претседателот Џо Бајден во изминатиот месец се подобрил од оној на Доналд Трамп, откaко поранешниот претседател се повеќе се судира со финансиски проблеми поради бројните судски процеси што се водат против него.

Набљудувачите велат дека додека Трамп губи кампањски пари за скапи адвокати и ги дава на апелација судските наредби за исплата на десетици милиони долари оштета, буџетот на кампањата на Бајден се зголемува.

Од најнова национална анкета на Универзитетот Квинипек се дознaва дека Бајден води пред Трамп 50 наспроти 44 отсто меѓу регистрираните гласачи.

Се поизвесно станува дека претседателските избори во ноември 2024 ќе бидат повторување на дуелот меѓу двајцата од 2020 година.

Во анкета на универзитетот од 20 декември 2023 година, Бајден доби 47 отсто подршка наспроти поранешниот претседател кој доби 46 отсто.

Во денешната анкета, демократите и независните го поддржуваат Бајден, додека републиканците го поддржуваат Трамп.

Родовиот јаз се зголемува. Жените го поддржуваат Бајден со 58-36 отсто, што е повеќе од декември кога беше 53-41 отсто. Мажите пак со 53-42 отсто, резултат главно непроменет од декември кога беше 51-41 отсто.

Во хипотетичкиот натпревар од пет лица на изборите во 2024 година, кој вклучува независни кандидати и кандидати од Зелената партија, Бајден добива 39 отсто поддршка, Трамп добива 37 отсто, независниот кандидат Роберт Кенеди помладиот добива 14 отсто, независниот кандидат Корнел Вест добива 3 проценти, а кандидатката на Партијата на зелените Џил Стајн добива 2 проценти од подршката.

Меѓу независните во хипотетичкиот натпревар од пет лица на избори во 2024 година, Бајден добива поддршка од 35 отсто, Трамп добива 27 отсто поддршка.

Во хипотетичкиот натпревар меѓу претседателот Бајден и републиканската претседателска кандидатка Ники Хејли, поранешен амбасадорка на САД во ОН и поранешна гувернерка на Јужна Каролина, 47 отсто од гласачите ја поддржуваат Хејли, а 42 отсто го поддржуваат Бајден.

Во денешната анкета, демократите (87 - 10 проценти) го поддржуваат Бајден, додека републиканците (79 - 4 проценти) и независните (53 - 37 проценти) ја поддржуваат Хејли.

Со оглед на тоа што републиканските претседателски прелиминарни избори во 2024 година сега се намалени на двајца кандидати, 77 отсто од републиканските и републикански наклонетите гласачи го поддржуваат Трамп, а 21 отсто ја поддржуваат Хејли.

Во декемвриската анкета со повеќе кандидати во трката, Трамп доби поддршка од 67 отсто, а Хејли 11 отсто.

На демократските претседателски прелиминарни избори во 2024 година, Бајден добива 78 отсто поддршка меѓу демократските и демократски наклонетите гласачи, авторката Маријана Вилијамсон добива 11 отсто поддршка, а американскиот претставник од Минесота Дин Филипс добива 6 отсто поддршка. кб/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан