• петок, 22 ноември 2024

Анима Мунди: Решавањето на проблемот со кафеавата мечка да не вклучува отстрел

Анима Мунди: Решавањето на проблемот со кафеавата мечка да не вклучува отстрел

Скопје, 30 септември 2023 (МИА) – Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ апелира до институциите да пристапат со сериозност кон решавање на проблемот со мечките во Националниот парк Маврово кои во потрага по храна талкаат по населени места и претураат по кантите за отпадоци и дивите депонии.

Оттаму велат дека отстрел, убиство на диви животни не смее да биде предлог за решавање на овој проблем.

- Отстрел, убиство на диви животни не смее и нема да биде предлог на маса за решавање на овој проблем, наместо наметнување мерки на населението и комуналните служби, преземање дејствија за редовно чистење на отпад и прихранување на мечките. Обука на населението како да се заштити и превенира, коегзистира со дивите животни што е пракса во секоја цивилизирана држава со развиена свест, велат од Анима Мунди.

Тие појаснуваат дека мечките како заштитен вид насекаде низ светот и важен дел од екосистемот.

- Мечката е важен и витален дел од националните паркови таканаречен инжењер на екосистемот. Таа го одржува балансот во екосистемот, ја зголемува вегетацијата во шумите. Поради очигледната неможност да се прехрани во своето природно живеалиште заради човековото влијание и уништување на шумските предели истата нашла лесен начин да дојде до храна кај човекот, кантите за отпадоци и дивите депонии, велат оттаму.

Порачуваат надлежните институции со доза за сериозност да пристапат кон овој проблем и да се консултираат со експерти на оваа тема за да најдат безболно решение кое не вклучува смрт.

Последниот период во Националниот парк Маврово, но и на други подрачја на државата е забележано зголемено присуство на кафеава мечка која кај нас е забранета за лов и спаѓа за строго заштитен вид уште од 1996 година.

Регионалниот центар за управување со Кризи информираше дека општината Маврово и Ростуше одржала неколку средби со месните заедници, Министерството за внатрешни работи како и со претставници на Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство, и претставници на Министерството за животна средина, каде донеле одлука да поднесат барање за прогласување кризна состојба во рамките на територијата на Општина Маврово и Ростуше.

Седница на групата за процена каде ќе се разгледа состојбата и ќе се процени дали се исполнети законските услови за прогласување кризна состојба е закажана за в понеделник. ар/ев/

ФОТО/МИА Архива 

 

Остани поврзан