• недела, 22 декември 2024

„Анима Мунди“ до партиите: Правата и заштита на животните се теми кои не дозволуваме да бидат игнорирани

„Анима Мунди“ до партиите: Правата и заштита на животните се теми кои не дозволуваме да бидат игнорирани

Скопје,19 април 2024

До сите учесници на парламентарните и претседателски избори: Правата и заштита на животните  се теми кои не дозволуваме да бидат игнорирани и маргинализирани.
Општество  кое се грижи и за животните, е општество во кое хуманоста, индивидуалната и колективна одговорност се подразбираат и бранат; општество кое наместо на партиски или фамилијарни интереси се темели на морал, свест за важноста од општо добро. 
Се обраќаме до сите кандидати на парламентарните и претседателски избори  со барање да се вклучат и јавно заложат за  унапредување на статусот на животните како свесни и чувствителни битија и нивната законска заштита; на кои природно им припаѓа правото да бидат заштитени од секој вид насилство, занемарување.                 

Систем во кој насилството врз животните не претставува црвен аларм, е кородиран систем.

Сакаме да живееме во држава во која се слуша гласот на хуманите граѓани – љубителите на животните и активистите за нивните права -  кои се десет години во континуиран пораст, кои преку својот личен пример и активизам суштински го оплеменуваат нашето општество. Ние сакаме Влада  која е во служба и на луѓето и на животните , која хуманоста ја поддржува и брани без исклучок. Благосостојбата на животните е исклучително важна за македонските граѓани и дури 70 отсто од нив имаат домашни миленици или бездомен миленик за кој се грижат.


БАРАМЕ:


  1. 1. Итна, суштинска измена и дополна на Законот за заштита и благосостојба на животните, не за две, три туку во првата година од освоениот мандат – нагласуваме, ова е итно и битно доколку конечно сакаме да се воспостави контрола по бројни етички но и здравствени, безбедносни прашања, заштитата на животната средина, комуналниот ред, економично располагање со ограничените финансиски ресурси на државата. Ние имаме поднесено предлог измени со целосна аргументације, кои заглавиле некаде во нечија фиока. Бараме со законот да дефинира дополнителни ЗАБРАНЕТИ ПОСТАПКИ со цел прецизно и недвосмислено да се унапреди заштитата и благосостојбата на животните, првенствено :
      - ЗАБРАНА ЗА ЕУТАНАЗИЈА НА БЕЗДОМНИ ЖИВОТНИ, животни кои се излечиво болни и животни за кои постои интерес да бидат вдомени;
    -  забрана за размножување на домашни миленици освен во услови на регистрирана одгледувачница и најстроги казни за напуштање миленик;
    -  забрана за продавање на домашни миленици освен во случаи на регистрирана одгледувачница; 
    - Забрана за чување на кучиња постојано врзани на ланец или во бокс (без да се овозможи слободно движење надвор од тој бокс) 
    - Забрана за колење и усмртување на животни во ритуални обреди, надвор од кланици; Забрана за одгледување на кокошки во основен кафезен систем; 
     забрана за моментално дробење на цели животни, односно мачерација во производство на јајца;                                           забрана за кубење пердуви на живина; 
     забрана за чување, одгледување и користење копитари во урбана средина и  користење на копитари за извлекување дрва
     
    2. Во однос на бездомните животни нагласуваме, строга регулираност на одговорното сопствеништво е основна премиса, без која е незамисливо да се надмине и реши проблемот со нивната прекубројност    во Македонија. Согласно со европските најуспешни практики ПРЕДЛАГАМЕ: оданочување на оние кои продаваат миленици и кои неконтролирано ги размножуваат, оданочување на сопствениците кои купиле миленик и го чуваат некастриран/нестерилизиран,  а  ослободување од данок за  оние кои ќе вдомат миленик затоа што помагаат во заедницата да се намали бројноста на бездомни животни и привилегии за сите кои ги стерилизираат сопствените миленици. Собраните средства од оданочувањето на невдомените неојаловени миленици да бидат наменети за заштита, лекување, стерилизација/кастрација на бездомни животни и субвенционирање на кастрации/стерилизации за сопствениците кои ќе вдомат бездомно животно.

     3. БАРАМЕ Активисти за правата на животните да ги управуваат стационарите секаде каде е применливо, како што е случај со ЈП Лајка, кое испорачува повеќе од 230% зголемени и видливи резултатии, волонтерски превзема дополнителни обврски, работи транспарентно и хумано. Но посакуваниот ефект  изостанува бидејќи никако не е регулиран изворот на проблемот, неодговорното сопствеништво. ЈП Лајка над тоа нема ингеренции, а институциите од ним познати причини тоа не сакаат да го регулираат.Така што, и сто кучиња во еден ден да ги стационира и стерилизира ЈП Лајка, џабе ни е, ако некој исфрли нови сто кучиња на улица. Санираме последица, без да се третира причинителот, коренот на проблемот.  На здруженијата бараме да се гледа како на активни партнери на институциите надлежни за проблемот со бездомни животни.
     
    4.  Бараме измена и дополна на Кривичниот законик, член 233 (Мачење животни). Сторителите на кривични дела кои резултирале со мачење и/или убиство и/или каква било друга форма на злоупотреба на животно да бидат казнети со казна затвор. За напуштање  миленик бараме и кривична одговорност зошто е исклучително нехумано и секако се реперкусира на јавната безбесност - по примерот на Република Хрватска да биде кривично дело, за кое се предвидува казна затвор.
    5.  Во време кога во глобални рамки е ставен фокусот врз важноста од зачувување на екосистемите, водата за пиење, обработливата почва и генерално природните ресурси и уникатните природни богатства со кои располага секое национално подрачје, бараме промени во аграрната политика во државата, односно, запирање на субвенционирањето а со тоа и поттикнувањето на сточарството и индустриското фармство, а во интерес на поттикнување и СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ НА ЕКОЛОШКО ЗЕМЈОДЕЛСТВО и ПРОИЗВОДСТВО НА РАСТИТЕЛНИ КУЛТУРИ. Сточарството е екстремен загадувач на околината и неодржлива производствена гранка.


6.  Ловот да биде препознаен како бескрупулозна форма на насилство врз животните, но и насилство и узурпација на природата, човекот, екосистемот во целост. Од ловот не страдаат само животните. Ловот го негува култот кон оружјето и дава директна можност насилството врз животните директно да ескалира врз луѓето. Конечно, бројни научни истражувања психолошки, социолошки студии потврдуваат дека индивидуи на кои им претставува задоволство да убијат друго живо битие, се потенцијални насилници и кон луѓето. Такви примери се потврдени и во Република Македонија. Од тие причини бараме најстроги САНКЦИИ ЗА КРИВОЛОВ, ЗАБРАНА ЗА ЛОВ ВО НАЦИОНАЛНИ ПАРКОВИ, КАКО И ЗАБРАНА ЗА ИЗДАВАЊЕ ДОЗВОЛИ ЗА ФОРМИРАЊЕ НОВИ ЛОВИШТА во РМ.
7.    БАРАМЕ ДА СЕ ЗАПОЧНЕ ПРОЦЕС НА ЗАТВОРАЊЕ НА ЗООЛОШКИТЕ ГРАДИНИ во Р. Македонија. Зоолошките градини се непрофитабилни, скапи, несоодветни и неповолни, декадентни и неетички, како за едукација така и за забава.

Анима Мунди нуди поддршка и соработка на сите оние кои хуманоста ја сметаат за стандард кон кој стремиме; кои ќе се заложат за заштита на животните, а суровоста над нив ќе ја осудат и санкционираат, без искучок. Како исклучително засегнати по овие прашања, ги повикуваме и очекуваме сите политички субјекти јавно да се произнесат.

 

Здружение за заштита на животни „АНИМА МУНДИ“

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Фото: МИА архива

Остани поврзан