• понеделник, 23 декември 2024

„АНИМА МУНДИ“ бара итно поништување на наредбата за еутаназија на бездомни кучиња позитивни на лајшманиоза

„АНИМА МУНДИ“ бара итно поништување на наредбата за еутаназија на бездомни кучиња позитивни на лајшманиоза

Скопје, 23 мај 2023 (МИА) - Здружението за заштита на животни „АНИМА МУНДИ“ бара од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) итно поништување на наредбата за еутаназија на бездомни кучиња позитивни на лајшманиоза.  

Доколку во рок од една недела нема измена на Годишната наредба за здравствена заштита на животните и во измената не им се даде еднаква можност на бездомните кучиња за третман и дом, „АНИМА МУНДИ“ најавува дека ќе повика на масовни протести за права на животните. Воедно најавува и правна одговорност.

„АНИМА МУНДИ“ укажува дека во член 6.3 од Годишната наредба за здравствена заштита на животните е забранета можноста за третман и вдомување кучиња болни од лајшманиоза.

- Минатата година во Годишната наредба за здравствена заштита на животните им беше дадена можност на бездомните кучиња болни од лајшманиоза да се третираат и вдомат. Дали експертите потфрлиле во 2022 година или овде се работи за чист анимозитет од страна на раководителите во АХВ, за политички реваншизам или за тоа дека ЈП „Лајка“ е раководена од активист. Се обраќаме јавно до АХВ, до директорот Николче Бабовски и бараме итно поништување на наредбата за еутаназија на бездомни кучиња позитивни на лајшманиоза. Во спротивно ќе се соочите со силна осуда на домашната и меѓународната јавност и секако, со правна одговорност за своите одлуки кои нанесуваат штета и компромитираат институција која примарно треба да ги штити животните и нивните права. Информираме дека оваа дискриминаторна политика и пракса ќе биде тужена и за се ќе бараме и правна но и лична одговорност, наведува Здружението. мч/сп/

фото: МИА архива

 
 

Остани поврзан