• петок, 22 ноември 2024

Андреј Медиќ Лазаревски добитник на наградата „Енхалон“ на Струшките вечери на поезијата

Андреј Медиќ Лазаревски добитник на наградата „Енхалон“ на Струшките вечери на поезијата

Струга, 26 август 2024 (МИА) - Песната „Твоја ли е градината, Алиса“ на македонскиот автор Андреј Медиќ Лазаревски ја доби наградата „Енхалон“, за најдобра песна од млад автор прочитана на „Струшките вечери на поезија“, што Фестивалот ја додели ноќеска по свеченото затворање.

Жири-комисијата во состав Митко Гогов, Иван Шопов и Игор Трпчески, во своето образложение велат дека станува збор за песна во која доминира интертекстуалната игра.

- Повикувајќи се на светскиот класик „Алиса во земјата на чудата“, низ интертекстуална игра Андреј Медиќ Лазаревски храбро и софистицирано води дијалог со себеси и светот, преиспитувајќи ги своите внатрешни лавиринти низ неконвенционални и свежи поетски слики. Низ стиховите авторот успева да изгради култивирана визура во сопствениот лирски и филозофски дискурс. Песната нѐ води низ еден специфичен имагинарен времепростор, во кој авторот успева да дополнително да ги очуди познатите симболи, давајќи им нова смисла и семантичка сила, стои во образложението на жири-комисијата.

Преку патувањето низ универзалните егзистенцијални траектории низ светот на имагинарното и реалното, авторот, како што е наведено, на места иронично и пркосно, нѐ повикува на нови преиспитувања, читања и преобмислувања на светот на дуалностите во кој е заробен. Неговиот императив не е да пишува за она што е присутно и видливо, туку да го артикулира и трансцендира она што интуитивно го пренесува од „другата страна“, во една нова метафизичка димензија.

Фестивалската програма завршува денеска со Меѓународен поетски митинг на платото на Музејот на современа уметност во Скопје. сс/мд/

Фото:СВП 

Остани поврзан